Видео записите на кои се снима текот на операциите, освен на адвокатите нема да им донесат добро ниту на пациентите, ниту на хирурзите тврди абдоменалниот хирург, професорот Милчо Пановски. Од неодамна снимањата на операциите станаа задолжителни, а први кои објавија ваква снимка беа хирурзите од болницата во Велес. Пановски тврди дека на краткиот видео материјал од снимката која беше објавена на некои медиуми, на самиот почеток забележал грешка, за која некои адвокати веднаш би покренале судска постапка, особено ако се следат искуствата на САД.
-Се работи за изгореница на црниот дроб од инструмент кој допира до него, во моментот кога се активира електрохирушки генератор. Првичната намера на хирурзите била со врвот на инструментот да се коагулира мал жолчен канал кој доаѓа од жолчното кесе, а се влива во заедничкиот жолчен вод.. Меѓутоа поради контакт на неизолираниот дел на инструментот до црниот дроб, кој не смее да се случи и треба да се избегнува, настанува изгореница на црниот дроб тврди професорот Пановски.
Според него во само неколку секунди видео запис најдена е грешка на лекарите од велешката болница. Добро е што не се гледа понатамошниот тек на операцијата кога камерата не е во абдоменот, така да експерт не може да најде грешка вели Пановски. Тој нагласува дека изјавата на надлежните во здравството, дека на ваков начин ќе се намали смртноста за 30 проценти, како во САД е несериозна, непотврдена и паушална. Не сака да ја коментира стручноста на хирургот кој ја правел операцијата чиј видео запис беше објавен, но вели дека за неговата стручност најмногу зборува снимањето на овој тип „тешки операции“.