Оставаме кратко време да се средат работите во овој тектонски изместен здравствен систем, во спротивно ќе започнеме со протести кои нема да завршат, порачаа на денешниот протест против насилството врз медицинските лица под мотото „Доста е!“организиран од Асоцијацијата на млади лекари специјализанти(АСМЛ) кој се случуваше во Клинички центар и во повеќе здравствени установи во државата, а е поддржан од здруженијата на медицински сестри и стоматолози. Медицинскиот персонал на протестот излезе со транспаренти „ Не, не тепајте“, „Почитувани пациенти, ние не сме семоќни“, „Ние сме со вас“.
Од Асоцијацијата како организатори се оградија од политички влијанија и нагласија дека немале никакви опструкции околу организирањето на протестот. Сепак, не сакаа да застанат до политичарите и функционерите кои беа дојдени да дадат поддршка на протестот.
„Зачестените напади врз лекари и други медицински лица во здравствениот систем кој е со години урнисуван не смеат да продолжат и ова е последна опомена. Не смее незадоволството од системот кој бил уништуван со години да се рефлектира врз медицинскиот персонал кој е најниско платен и работи во несоодветни услови. Време е да се преземат мерки бидејќи проблемите не се решаваат зад затворени врати “, изјави Ненад Лазаров претседател на АСМЛ.
Од Асоцијацијата имаат пет барања, а тоа се:
- Донесување на Закон за докторка дејност
- Законско санкционирање на напад врз здравствен работник и изедначување со напад на полицаец
- Итно обезбедување на секој здравствен објект ,а не селективно и тоа согласно потребите
- Вклучување на АСМЛ и младата лекарска полулација во планирање и организирање на здравствените политики
- Организирање на ефикасен систем за евиденција и санкционирање на на несодветен и непрофесионален однос од страна на здравствените работници.
Поддршка на протестот дадоа и од Синдикатот на Клинички центар и побараа обезбедување на сите здравствени установи, а не селективно само за некои. Изразија загриженост што не се вклучени во решавање на проблемите во врска со насилството врз вработените.
„Сакам да укажам дека нема да дозволивме да се наруши тоа симбиоза меѓу пациент и лекар. И после вооружениот напад на лекар не се случи ништо, нема поголема безбедност. Министерот треба да ги заштити сите подеднакво, како ние ќе ги заштитиме вработените ако не сме вклучени како чинители. Нагласувам дека не може селективно здравствените установи да се обезбедуваат, бараме 24 часовен видео надзор врз установите. Пациентите треба да разберат дека сме со нив, но не сме семоќни. Но, и вработените исто така не смеат својата нервози, фрустрации и замор да ги манифестираат врз пациентите“, рече Горан Беговиќ, претседател на Синдикатот на Клинички центар.
И министерот за здравство Венко Филипче присуствуваше и го поддржа протестот против насилството. Филипче нагласи дека вработеното обезбедување на клиниките не е ефикасно за решавање на овој проблем и затоа смета дека најсоодветно решение е ангажирање на полициски службеници.
На прашањето дали можеби непотизмот и корупцијата имаат влијание врз насилството врз лекарите кое е во пораст, Филипче одговори дека започнале кампања за враќање на довербата помеѓу пациентите и здравствените работници.
„Преземаме мерки за унапредување на здравствениот систем и се надеваме дека ќе дадат резултати“, рече министерот Филипче, одбегнувајќи да одговори конкретно за корупцијата во здравството.
Ние мора да поработиме да ја вратиме довербата меѓу лекарите и пациентите, порачаа од Лекарската комора.
“Од идната недела се договориме четирите Комори, ( бидејќи напаѓаат и фармацевти) да правиме средби со здруженија на пациенти. Законот за докторска дејност е веќе во Собрание“, рече Калина Гривчева Старделова, претседател на Лкерската комора на РСМ.
На новинарско прашање колку претставки против лекари има во Лекарската комора, Старделова нагласи дека имаат повеќе форми за решавање на претставки против лекари и како пример го наведе случајот со починатиот Булент Ибраими за што реагираше семејството, но точниот број на претставки не го прецизираше.