Пишува Ида Протугер Вељковиќ, психолог и тренер за личен и организациски развој
Заплетканата судбина на СЈО и несмасното отплеткување во лавиринтот на правните нелогичности, недоречености и згора на се партиски пазарења со правдата, не тераат одново да се преиспитаме како ја развиваме државата во однос на нејзините клучни елементи: човечкиот капитал и институциите?
Случаите на СЈО чија судбина деновиве се редефинира ги водеа обвинители со име и презиме. Потписот на обвинителите врз тие предмети е всушност отпечаток на нивниот интелектуален капацитет, знаење, како и вредносен систем. Тоа свое авторство тие го бранат на суд пред јавноста, каде се презентираат факти, при што целта е да се обезбеди правда. Тие се нашиот човечки капитал во сферата на обвинителството. Односот на државата кон својот човечки капитал се гледа преку актуелните пазарења со судбината на специјалните обвинители кои се оставени на милоста на партиските лидери и на главниот јавен обвинител.
Толку ли за оваа држава е ефтин човечкиот капитал, за со него некој да се ценка на партиска тезга или да се третира како шверцувана стока низ посточеките законски одредби? Секоја чест на главниот јавен обвинител Јовески за вчерашното доделување на предметот Монструм на истите обвинители, но чувството е дека сите треба да одат на “поправен” кај него, па да се чека дали ќе поминат на испит.
Точно е дека Јанева е таа која ги стави во каша, но Македонија не е толку богата земја со човечки ресурси за да си дозволи таков луксуз да ги демотивира и обезвредни.Од друга страна се покажа дека ад хок институцијата која се потпираше на еден човек ја исполни својата функција и такви проекти кои се смислени за конкретен контекст, а не се формирани врз позната добра практика, треба да се со краток рок. Оттука, ако правдата беше меѓу приоритетите за да се покаже напредок и дисконтинуитет со претходното владеење, не требаше да се дозволи толку долго за овој проект да не се најде системско решение.
И сега прашањето е кој е за тоа виновен? Очигледно е дека од владејачката коалиција само СДСМ покажува интерес да се најде решение кое ќе обезбеди процесите да се процесуираат до крај. Но исто така е чесно да се каже дека во предметите нема обвинети исто така само од СДСМ. Опозицијата покажува дека го посакува единствено времето на контролирана држава и економија, од што профитираа само членови на ДПМНЕ.Во такви услови се наметнува прашањето, каков развој е тогаш можен?
Во обид да се објаснат некои перспективи, ќе се послужам со моделот на психологот Клер Грејвс за еволутивен човеков развој, денеска познат како Модел на спирална динамика. Овој модел денеска се користи во тренинзите за индвидуален, како и системски/организациски развој. Целта на Грејвс била да согледа како размислуваат луѓето и како еволуира мислата, наместо да ги категоризира и вреднува. Тоа е во склад со мислењето за човекот како динамично битие кое се менува и развива, дека секој веќе денес не е она што бил вчера.
Моделот на Грејвс е претставен со осум нивоа, секое со своја боја и вредност на која се потпира. Развојот е вертикален и спирален, бидејќи секогаш се движи од индивидуата кон колективитетот како фокус, и назад. Отприлика се смета дека е добар модел за “дијагностицирање” на состојбата на ниво на општество.
Првото ниво со беж боја се потпира на опстанокот како вредност. Ова е ниво што го гледаме кај бебињата. Тоа е селф-центрично и фокусирано на преживување.
Второто ниво е со виолетова боја и од ЈАС, се раѓа свеста за НИЕ. На ова ниво се јавува концептот на социјална група. Фокусот е на колективитетот, но неговата цел е да ги обезбеди базичните потреби за сигурност и безбедност.
Третото ниво е црвено, високо егоистично (враќање на индивидуалитетот во фокусот) кое се темели на вредностите на сила и енергија. Силата ја има избраниот водач, но начинот на делување е според неговите интереси, потреби и поглед на светот. На ова ниво се општествата со авторитарно владеење на лидерите, каде тие ја наметнуваат својата воља и правила на игра на заедницата.
Четвртото ниво е означено со сина боја и се темели на вредностите ред и поредок. Се смета за природен еволутивен развој бидејќи по научените лекции дека еден човек може да направи голема штета на заедницата, се јавува потреба за структура, јасни правила кои ќе ја заштитат заедницата. Тука е важна столицата (функцијата), а не човекот кој седи на неа. Правилата се на пиедесталот. На ова развојно ниво се организирани повеќето религии.
На следното, портокалово ниво се враќа повторно индивидуата во фокусот и на светот се гледа како неограничено поле за развој на индивидуалните потенцијали и материјално богатење. Успехот е темелна вредност за ова ниво. Ова ниво го опишува капитализмот каде успехот и личната благостојба најчесто преку материјални добра е императивот.
Следното зелено ниво е повисок степен на развој каде општата благосостојба и грижата за средината каде живее заедницата е важна. Водено е од вредноста за поврзување за заедничко добро. Се воведува поимот духовна наместо материјална вредност.
Жолтото ниво го враќа индивидуализмот во фокусот, но на повисоко ниво, каде индивидуалните капацитети се многу важни и имаат вредност за постигнување на повисоки цели на заедницата. Се потпира на синергијата како вредност и на улогата на поединецот во постигнување на јавно добро, благосостојба за сите. На ова ниво поединецот е ресурс кој има своја улога и одговорност за постигнување на заедничките цели. Не му треба шеф или командант за да може да ги постигне договорените цели. На ниво на организација на пример, фокусот е на самосвеста и одговорноста на поединецот кој со своите капацитети и поврзаност со другите луѓе ги постигнува целите од “големата слика” за која се договориле дека ќе донесе благосостојба. Новите начини на Агил менаџмент во организациите ги имаат овие премиси како цели.
Тиркизното ниво е холистички пристап за поддршка на животот во долгорочни рамки. Тука се темели на жртва за повисоки цели кои ќе ја одржат општата благосостојба. Довербата е поставена не на правилата, туку на луѓето и нивните вредности. На ниво на индивидуа и ниво на организација или општествено уредување, ова ниво речиси да не е постигнато, бидејќи единките многу ретко се самосвесни дека тие не се битни кога се зборува за човештвото и неговата одржлива благосостојба (на ова ниво консумеризмот не би можел да преживее во сегашни димензии).
Во светот главно начините на управување со државите и организациите движат во опсегот од црвено до портокалово. Затоа што на ниво на индивидуи во општеството, околу 80 отсто се во тој опсег, а многу малку на пониски односно повисоки нивоа.
Кај најразвиените скандинавски земји, се забележува „жолто” владеење каде поединецот самосвесно, со сопствениот капацитет и одговорност да придонесува кон заедничките цели.
Моделот на Грејвс во случајот со Македонија може да послужи како илустрација за да се види каде ние се движиме, како еволуираме со искуството и која е нашата визија за функционирање во иднина.
На пример, ако се анализира однесувањето на нашата опозиција, таа никако не може да мрдне од виолетовото ниво (да се здружиме за да не одговараме за криминалите) и од нејзиниот сон да се врати на третото ниво на авторитарно владеење каде лидерот ќе ја контролира државата, институциите и поединците. Кај владејачката СДСМ се гледа напор за напредок, таа излегува од моделот да се владее врз база на страв кај заедницата. Сепак не јасно дали таа визија е навистина да се достигне ниво на благосостојбата на сите во заедницата, или е тоа кусогледа политика да се добие “петка” од ЕУ заради политичко преживување.
За да постои развој на индивдуално и на ниво на заедница, предуслов е да постои свест за потреба од промена. Во промените што ги бара личниот или организациски развој, предуслов е поединецот или менаџментот да почувствува дека моќта и одговорноста нешто да се смени, се во негов домен на делување. Ако однесувањето е на ниво на вперување прст во виновните или да се дислоцира одговорноста кон “зла судбина” за лошите резултати, промена нема да има.
Контекстот е многу често непроменлив за најголем број од луѓето. Не можеме да ги бираме и менуваме родителите, не можеме да смениме многу работи во контекстот каде живееме, но она што можеме, е со нашите ресурси да дадеме сопствен одговор на таквиот контекст.
Кај луѓето кои раководат со државниот апарат за жал не се гледа потреба за промена кон подобрување и развој, туку најчесто има потрага по виновници.
На пример, кога некој наместо да застане, да се запраша каде згрешивме што еден млад човек успеа сите да не влече за нос и две години да води телевизија без да му се проверри потекло на имот, ние имаме изјава “нема мене некој п…р, суетен новинар и криминалец да ми ја уриваат владата”, свест за одговорноста не се гледа. На пример, бившиот премиер Курц во Австрија, по аферата “Ибица” не рече “нема мене некој суетен новинар од Шпигел и потенцијално криминоген коалициски партнер да ме симнуваат од власт”. Самиот се повлече и покажа свест дека “некаде погрешивме”.
Не мислам дека распадот на владата во Македонија би било идеално решение, но исто така не може стравот од враќање на системот на авторитарно владеење кое доведе до општествен регрес, да биде причина да се одржува исто така погрешен начин на владеење. Исто така, стравот од враќање на ДПМНЕ како погрешен систем во однос на општествениот развој не треба и не може да ја одземе критичката мисла и да се задоволиме со развој каде “барем може слободно да се зборува”.
Се разбира, клучниот напредок зависи од индивидуалното еволутивно ниво на граѓаните на една заедница. Ако најголемиот број граѓани, не увидуваат дека со фрлање смет на улица си ја загадуваат сопствената околина, тешко може да има напредок во развојот. Ако се гледа само личното, моето, сопствената благосостојба, тешко ќе се дојде до поврзување за доброто на сите. Но едукацијата и сите мерки за да се дојде до “големата слика” се кај оние што презеле одговорност да управуваат со државниот апарат.
А тие што презеле одговорност покажуваат недоволно свест за потребите на граѓаните кога именуваат менаџери со ресорите кои треба да го креираат “општото добро”. Најголем број од министрите се избрани поради партиски заслуги, а со граѓаните воопшто не е искомуницирано кои се компетенциите на тој човек што би требало да им обезбеди поквалитетен живот во одреден домен. Напредок се смета кога наместо минат партиски труд, критериум станува успешноста на некое поле, а не конкретни компетенции. По таа логика, секој успешен човек би можел комотно да направи операција на отворено срце со стручни насоки од двајца примариуси покрај него.
Сето тоа поведение покажува недостиг на визија за големата слика каде Македонија треба да се развива и напредува.
Оттука промените кон еволутивен развој се единствено можни со свеста за потребата за се менуваме кон подобро. Во спротивно, би го позајмила мотото од Пешчаник:
„Ако вам је добро, онда ништа.”





