Комесарот за проширување на Европската унија Штефан Филе очекува земјите-членки на Унијата на претстојниот Самит на Европскиот совет да дадат некаква насока за европската иднина на Република Македонија, јавува дописникот на МИА од Брисел.
Во рамки на 12-тата конференција „Западен Балкан: Брза и бавна линија” во организација на невладините организации „Пријатели на Европа” и „Конрад Аденаур Штифтунг”, Филе, кој учествува заедно со макеоднскиот министер за надворешни работи Никола Попоски, но и други високи политичари од ЕУ, истакна дека Комисијата бара Македонија да ги почне преговорите за членство.
– Јас сум загрижен за домашната политичка ситуација во ПЈР Македонија и тензиите меѓу Владата и опозицијата, како и од немањето резултати за прашањете на името во разговорите кои се водат под капата на Обединетите нации, посочи Филе.
Според првиот човек за проширување на ЕУ, Европската комисија препорачала по петти пат отворање на пристапните преговори и очекува што ќе се одлучи на Самитот на Европскиот совет овој месец.
– Ние им понудивме на земјите-членки како да се придвижи напред овој процес оти не го сметам за вредно постојаното повторување на препораките за почеток на преговорите, а земјите-членки повторно да ветуваат дека ќе се вратат на ова прашање за време на следното претседатлство со Унијата и да не исполнуваат. Понудивме нов пристап за решавање на добрососедските односи, вклучително и на прашањето за името на почетокот од пристапните преговори. Со доволно гаранции за сите загрижени дека добрососедските односи ќе се допрат како што треба пред да започнеме со супстанцијална работа во рамки на преговорите. За жал тоа не се зема предвид од земјите-членки, посочи Филе.
Годинава, наведе еврокомесарот, „бараме од земјите-членки да ни кажаат што сакаат со ова прашање? Да повторуваме и догодина препорака за почеток на преговори? Но дали има терен за тоа, ни треба малку повеќе насоки од земјите-членки“.
Според Филе, ако се видат поглавјата 23 и 24, како последните години со трансформацијата на процесот на проширување, земјите-членки се повеќе имаат политичка контрола на процесот.
– Се отвораат бенчмарковите и истите се затвораат со поглавјата 23 и 24. Ние го направивме овој процес пополитички и време е да се однесуваме политички, додава комесарот за проширување.
На прашање на дописникот на МИА од Брисел дали, со оглед на тоа што на Самитот на Советот се очекува Македонија повторно да не добие датум за почеток на пристапните преговори, Комисијата и воопшто ЕУ имаат “план Б” за земјата, Филе со одговор:
„Имаме Пристапен дијалог на високо ниво (ХЛАД) со Македонија, што не е замена за пристапните преговори, но креира моментум. Имаме „план Б” да ги допреме добрососедските односи, вклучително и на прашањето за името во почетната фаза на пристапниот процес.
– Проблем е што се создаде критично време и наместо македонските власти да испорачаат најдобро што можат за да ни помогнат со имплементирање на тој „план Б”, се случија настаните од 24 декември минатата година. Тоа ја стави земјата на чекање за период од десет месеци, а и се уште има импликации од тој процес“, одговори Филе.
Според него, не е до тоа само тој да има „план Б”, туку и да има партнери кои се подготвени да играат и да помогнат за испорака „планот Б” и сето тоа да биде кредибилно.
– Мислам дека е фер од мене да побарам од земјите-членки повеќе од заклучок дека ”ќе се вратат на македонското прашање за време на следното претседателство со ЕУ” и се надевам дека ќе имаме накаква појасна порака на претстојниот Самит на Европскиот совети ќе имаме некаква насока за ова прашање овој месец, додаде Филе.
Дебатата на оваа конференција продолжува и се очекува да трае до доцните попладневни часови, при што во втората сесија е планрино и обраќање на шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски.




