Годишниот Индексот на перцепција за корупција дава важен придонес за зголемување на свесноста на прашањата за корупција и е моќна алатка на застапување која креира поттик на владите да делуваат во борбата против корупцијата.
Професорката Д-р Слаѓана Тасева, претседател на Транспаренси Интернешнл –Македонија смета дека корупцијата и понатаму претставува проблем од висок приоритет за Република Македонија.
Резултатот од годинешниот Индекс на перцепција на корупцијата е речиси идентичен со резултатот од минатата година (43 : 44 индексни поени) и укажува на тоа дека постои застој во подобрувањето на состојбите во оваа сфера.
Очигледно е дека активностите кои ги преземаат властите се недоволни, а институциите се неефикасни. Недостатоците во владеење на правото создаваат сериозна недоверба на граѓаните во судството и собранието, како институции кои треба да обезбедат гаранција на владеење на правото, заштита на јавниот интерес и просперитетна држава.
Воедно, г-ѓа Слаѓана Тасева нагласи дека институциите досега не обезбедија доволна гаранција дека одговорните за корупција и незаконско работење нема да уживаат заштита и ќе бидат казнети. Недопирливоста на одговорните за корупција е секојдневие кое треба да се искорени.

Индексот на перцепција за корупцијата во 2013 година предупредува дека корупцијата во облик на злоупотреба на власта, тајни зделки и поткуп продолжува да ги уништуваат општествата ширум светот.
ИПК претставува композитен индекс, комбинација на анализи и проценки на корупција, собрани од повеќе реномирани институции каде рангирањето на земјата ја покажува нејзината позиција во однос на останатите земји/територии вклучени во индексот. Македонија според ИПК во 2013 се наоѓа на 67 место со 44 поени, за разлика од 2012 година каде со 43 поени се наоѓаше на 69 место.
Според Барометарот на глобалната корупција за Македонија во 2013 година кое истражување се темели на перцепцијата и искуствата на луѓето за корупцијата, говори дека проблемот со корупција во јавниот сектор сеуште е високо оценет со 4,1 (на скала каде 1 – не се воопшто и 5 сериозен проблем). Но, охрабрувачки е податокот дека 82 % од граѓаните се изјасниле дека се спремни да се борат против корупцијата.
Резултатите во Регионот за 2013 година укажуваат дека сите држави освен Словенија (57) и Турција (50) постигнале помалку од 50 индексни поени. Хрватска (48), Македонија (44), Црна гора (44) и Србија (42) и покрај подобрувањето сепак бележат многу лоши резултати. Словенија во 2013 бележи пад од 37 на 43 позиција, Бугарија од 75 на 77 позиција, а е Косово со најголем пад од 105 на 111 позиција.




