Судија на претходна постапка ја одби понудената гаранција од Катица Јанева за укинување на притворот.
Одлуката е донесена откако Обвинителството за гонење на организиран криминал дало негтаивно мислење.
„По разгледување и ценење на предлогот и мислењето од надлежното обвинителство, судија на претходна постапка донесе решение со кое предлогот за укинување на мерката притвор со определена гаранција се отфрла како недозволен, а предлогот за определување мерки за претпазливост се одбива како неоснован“ рекоа од Кривичниот суд.
Адвокатката на Јанева, Ирена Фрчковска Фрчковска бараше од Судот поранешната шефица на СЈО да се брани од слобода и за тоа понуди соодветна гаранција во недвижен имот.
„Отпаднати се основите за определување мерка притвор и целта може да се постигне и со друга мерка, не мора да се оди со најстрогата по закон. Сметаме дека основите се отпаднати со самото нејзино разрежување од СЈО и од ОЈО Гевгелија“, изјави Фрчковска.
Како гаранција Катица Јанева ги понудила становите на ќерката и синот во вредност од околу 160 илјади евра, и уште еден стан кој што е во сопственост на човек од нејзиното потесно семејство.




