Осумте години од владеење на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде забележан како црн период за работничките права. Наместо најстабилен, Законот за работни односи стана најменуван закон и тоа без консултации и согласност од тие што најмногу се засегнати, работниците, изјави пратеничката на СДСМ Цветанка Иванова.
Таа истакна дека секоја измена значи ново укинување на работнички права. Бројни се досегашните изгубени работнички права, намалување на времетраењето на паричен надоместок за технолошки вишок од 5 години на 18 месеци; работникот во секој момент може да биде прогласен за технолошки вишок без право на приоритет при вработување; намалување на годишниот одмор; укинување на правото на паричен надоместок до пензионирање за жени на 57 години и мажи 59 години; еден услов за пензионирање – старосна граница.
„Последната измена на Законот за работни односи е капката која ја прели чашата.
Со неа работодавачот може после 18 месеци, од банална повреда на работните обврски, да го избрка работникот од работа. Со ова, се воведува законски мобинг со што работникот се претвора во современ роб“, истакна Иванова.
СДСМ силно се спротивставува на ваквата гилотина на работничките права. Во својата програма СДСМ се залага за враќање на достоинството на работниците. СДСМ ќе даде шанса за вистински, а не фингиран социјален дијалог. СДСМ надоместокот во случај на технолошки вишок од 18 месеци ќе го зголеми на 3 години. Процентот за исплата на плата во случај на боледување ќе го врати на 85%. СДСМ ќе изврши ревизија на системот на пензионирање и ќе воведе повеќе основи за пензионирање во исто време ќе изврши и ревизија на начинот на кој се стекнува правото на инвалидска пензија. СДСМ ќе се грижи за поголема заштита на работничките права додека работникот е во работен однос. СДСМ ќе ги намали таксите во случаевите на спорови од работниот однос.



