Лажната најава за нов силен земјотрес синоќа предизвика паника на улиците на главниот град на Албанија, Тирана и на Драч. Веста ја објавија неколку портали, која потоа брзо се прошири. Тоа предизвика паника кај стотици граѓани кои ги напуштија домовите и останаа на улиците во очекување на земјотресот.
Поради паниката на улиците, Влада реагираше со соопштение дека се работи за лажна вест.
-Пред неколку минути се појави лажна вест која предизвикува паника во Тирана дека следува силен земјотрес, многу посилен од оној од 5,8 степени. Апелираме до сите граѓани да не веруваат во оваа вест. Лажна е. Никој не може да предвиди земјотрес. Ова е кривично дело, реагираа од Министерството за одбрана.
Топ чанел објави дека двајца новинари, Аурел Ракиплари од „SYRI.net“ и Даниела Грица од „Shekulli“ биле приведени од полиција поради ширење лажни вести.
Во саботата попладне Тирана и Драч беа погодени од серија земјотреси од кој најсилниот беше од 5,8 степени.

Албанскиот институт за геолошки науки, енергија, вода и животна средина соопшти дека повеќе од 340 последователни земјотреси се регистрирани по земјотресот со интензитет од 5,8 степени што го погоди Драч во саботата попладне.
Околу 600 домови, претежно изградени пред 1990 година, претрпеа штета во земјотресот, кој исто така накратко го прекина снабдувањето со вода и електрична енергија во Тирана, Драч и некои западни и централни делови, соопштија властите. Повредени се 105 луѓе.
Потресот се почувствува долж западниот брег далеку кон исток.
Инспекторите вчера проценуваа оштетени згради, а на некои жители на главниот град Тирана им било кажано да не се враќаат во своите станови, кои биле означени за небезбедни.
Во Драч, армијата постави шатори на фудбалскиот стадион каде им беа испратени храна и медицински тим за жители кои се плашеа да се вратат дома и кои планираа да поминат следната вечер пред своите домови.
Премиерот Еди Рама рече дека добил повици од европски колеги кои понудиле помош.






