Средношколка од Гостивар приведена поради килограм марихуана, непозната тревкаска материја пронајдена кај студенти во Тетово, кривични пријави и притвор и за тројца кумановци заради продажба на марихуана, стои во денешниот билтен на МВР.
Шеснаесет годишна девојка од гостиварското село Падалиште, била приведена во полициската станица Гостивар, под сомнение дека превезувала еден килограм марихуана, информираат до СВР Тетово.
Полициски службеници, вчера околу 15 часот, во населбата Циглана, запреле такси-возило, во кое се превезувала 16-годишната средношколка од Падалиште. При преглед на возилото, во торбата што ја имала со себе, било пронајдено најлонско ќесе во кое имало околу еден килограм тревкаста материја, најверојатно марихуана.
Според СВР Тетово, набрзо потоа малолетничката во присуство на родител и претставник на Центарот за социјална работа, приведена е и задржана, а во консултација со јавен обвинител и по извршениот разговор, пуштена е дома.
Вчера околу 12,00 часот, во Тетово извршено е легитимирање на лицата Д.Д.(22) од Дебар и Ч.Л.(23) од Република Албанија, кои како студенти времено престојувале во Тетово. При преглед на Д.Д, во џеб од јакната пронајдени му се три пакувања со непозната тревкаста материја. По претресот во станот на Д.Д. пронајдена е патна торба во која имало непозната тревкаста материја, две метални дробилки, едно пакување ризла и празни зипер-кесички, како и лични документи на двете лица. Студентите се приведени и задржани во СВР Тетово.
СВР Куманово вчера поднесе кривична пријава против О.С.(33), за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ и „овозможување на употреба на наркотична дрога и психотропни супстанции“, Д.С.(29), С.С.(27) и С.С.(28), сите од Куманово, за „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ во врска со „соизвршителство“.
О.С. и Д.С. откако набавиле наркотична дрога марихуана истата ја нуделе за продажба, при што на 29.11.2013 година на С.С. заради понатамошна продажба му продале 0,35 грама марихуана, која при преглед од страна на полициски службеници е пронајдена, соопштува МВР. Истражен судија на О.С., Д.С. и С.С. им одреди мерка притвор во траење од по 30 дена.




