Синоќа во Американската амбасада во Македонија, во чест на 20 години од воспоставувањето дипломатски односи САД-Македонија, се одржа прием на кој, сегашниот амбасадор, Пол Волерс, изјави дека положбата на неговата земја во однос на Македонија е непроменета, и дека сака да ја види нашата земја целосно интегрирана во евроатлантската заедница.
-Во изминатиот период се случија многу работи, но пријателството и партнерството меѓу двете земји останаа силни. Од првиот ден до денес нашата мисија не е промената. Со гордост ја нарекуваме Македонија наш пријател и сојузник и сакаме да видиме како оваа извонредна земја го остварува својот потенцијал како силна динамична и просперитетна демократија, целосно интегрирана во евроатлантската заедница, рече Волерс.
За приказ на времето од скромните почетоци во 1993-та година, и активностите реализирани изминативе 20 години, „беа задолжени“ симболично 20 фотографии.
Во присуство на претседателот на Собранието на Македонија, Трајко Вељаноски, министри во Владата, актуелни и поранешни пратеници, претставници на политичките партии, амбасадорот Волерс напомена дека, тие го поддржуваат напредокот на Македонија во области како зајакнување на спроведување на законот, земјоделството, образованието, граѓанското општетство, и за таа цел досега имаат обезбедено повеќе од милијарда американски долари помош за Македонија.
„Ние гледаме на иднината како партнери и замислуваме каде сакаме да бидеме и што може да постигнеме заедно. Нашето партнерство денес е динамично, енергично и свртено кон иднината и јас немам никаква дилема дека тоа ќе потрае уште многу години“, напомена Волерс, потенцирајќи дека како во минатото, така и во иднината САД ќе соработува со Македонија.
Канцеларија за врски на САД во Скопје беше отворена во декември 1993 години, а прв шеф на мисијата беше Виктор Комрас. На 8 февруари 1994 година САД ја признава Македонија под референцата ПЈРМ. Во 2004-та САД официјално ја признаа РМ под уставното име.