Претседателот на Бугарија Румен Радев за денеска закажа консултативна средба на државниот врв за билатералните односи со Северна Македонија и поканата што ја очекува од Европската унија за почеток на преговори за членство, објави news.bg.
Средбата, како што пренесува news.bg., ќе се одржи во 09:30 часот, а темата е „Преглед на билатералните односи меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија во контекст на резултатите од работата на Мешовитата експертска комисија за историски и образовни прашања и очекуваната покана до Република Северна Македонија за пристапување во Европската унија“.
Поканети се да присуствуваат премиерот Бојко Борисов, претседателката на Парламентот Цвета Карајанчева, вицепремиерката за правосудни реформи и министер за надворешни работи Екатерина Захариева, координаторите на парламентарните групи, претседателите на собраниските комисии за надворешна политика и за европски прашања и контрола на европските фондови, на изборната комисија, како и претставникот на Мешовитата експертска комисија за историски и образовни работи.
Минатата недела Радев на средба со бугарските претставници во Мешовитата мултидисциплинарна експертска комисија за историски образовни прашања рекол дека Бугарија треба да ја поддржува Северна Македонија во евроинтеграцијата, но не на сметка на бугарската историја и идентитет.
Бугарскиот вицепремиер и лидер на ВМРО-БНД Красимир Каракачанов, коментирајќи го неодамнешното интервју на претседателот Стево Пендаровски вчера изјави дека „доколку Комисијата за историски и образовни прашања нема рок, тогаш ќе нема рок и патот на Северна Македонија кон Европската унија“.
-Неприфатливо е некој да мисли дека тие едноставно ќе ја искористат Бугарија само за влез во Европската унија, рече Каракачанов




