Бугарската полиција утрово ги ослободила градоначалниците на Виница и на Кочани, Емил Дончев и Ратко Димитровски, кои синоќа беа приведени на преминот „Станке-Лисичково“, на границата меѓу Бугарија и Македонија.
Тие тврделе дека муницијата што била пронајдена од бугарската полиција синоќа во нивното возило при контрола на граничкиот премин кај Делчево, е на нивни пријател и дека по сослушувањето за потеклото на муницијата биле пуштени дома, пренесуваат македонските медиуми.
Градоначалникот на Благоевград, Атанас Камбитов, ги посетил Дончев и Димитровски и им објаснил дека биле повикани како сведоци.
Во возилото „Ситроен“, во кое биле градоначалниците Емил Дончев и Ратко Димитровски, беа откриени 20 парчиња ловечка муниција и 100 куршуми за малокалибарско оружје, соопшти денес бугарската гранична полиција.
На Дончев и на Димитровски, кои ноќеска се враќале од форумот „Бизнис без граници“, кој се одржа во Благоевград, им беше одредена мерка полициски притвор до 24 часа.




