– Власта на ВМРО-ДПМНЕ е во паника како да покрие огромен долг од неверојатни 17 милиони евра што го направиле општини под нивна контрола. За само две години, 2010, заклучно со 31 август 2012 година, 54 општини се задолжиле 17 милиони евра, нагласи на денешната прес-конференција, портпаролот на Социјалдемократскиот сојуз, Петре Шилегов.
Според Шилегов, повеќе од половина од оваа сума, над 9 милиони евра се долгови на основните училишта, а тие не плаќале за греење, за превоз на ученици, за струја, за вода.
Тој потенцираше дека причината е скандалозна – поради големиот број вработувања, и обвини дека власта вработувала наставници повеќе од потребниот број. Шилегов вели не станува збор за пресметки на опозицијата, туку за официјални владини податоци.
– Вицепремиерот за економски прашања, Пешевски, оваа информација ја добил од Министерството за финансии и бара итно мислење од министерот за образование, Спиро Ристовски. Во оваа Информација на Пешевски до Ристовски стои дека парите од блок дотациите одат во најголем дел за плати, поради што нема пари за плаќање сметки. Очекувањата на Владата се дека општините во просек, во 2013 година ќе потрошат по дури 87 проценти од блок дотациите за плати на вработените во основните училишта. Во одредени општини над 90 проценти од блок дотацијата за основно образование се троши за плати, рече Шилегов, и напомена дека констатацијата на Пешевски е дека „тоа се должи на вишокот паралелки а со тоа и на вишокот вработени“.
СДСМ бара итно да прекинат неразумните политики на Груевски за како што вели „што го клекнаа на колена не само образованието, туку ги разнишаа сите столбови на државата“.




