Апелацискиот суд денеска ја одби жалбата на Катица Јанева да излезе од притвор во Шутка.
Судот добил информација од обвинителството дека истрагата е завршена, но апелициските судии утврдиле дека сѐ уште постои можност за бегство, и донеле одлука таа да остане во истражниот затвор во Шуто Оризари.
Жалбата пред повисокиот суд следуваше откако претходно Кривичниот суд ја одби гаранцијата од движен и недвижен имот кој Јанева го понуди како гаранција да ѝ биде одредена поблага мерка.
Поради завршената истрага и новите околности нејзините адвокати најавија дека ќе бараат одново Кривичниот суд да ја преиспита одлуката и на Јанева да ѝ се одреди поблага мерка или куќен притвор.
Катица Јанева од 21 август е во притвор како третоосомничена во случајот „Рекет“. Освен неа осомничен е и Боки 13 кој исто така е во Шутка и Зоран Кичеец, кој е во домашен притвор откако Обвинителството за организиран криминал и официјално соопшти дека истрагата е завршена.




