По неколкумесечни одолговлекувања, Судскиот совет денеска конечно избра претседатели на десетина судови со кои раководеа в.д. претседатели.
На седницата која е во тек, Миле Димовски, судија – кривичар, е избран за нов претседател на Основниот суд во Битола, за кого гласаа 13 од вкупно 14 членови на Судскиот совет. Противкандидат на Димовски беше досегашниот претседател на Судот во Битола Дејан Крстанов кој не доби поддршка за нов мандат.
Претседателот на Советот Киро Здравев рече дека Димовски има подолго судиско искуство, за разлика од Крстанов кој е со судиски стаж од 7 години и 15 дена. Против изборот на Димовски гласаше единствено членот на Советот Жарко Караџовски кој рече дека гласал против, не затоа што Димовски не е добар судија, туку затоа што Советот не го поддржал Крстанов во чиј мандат Судот во Битола покажал одлични резултати.
За нов претседател на Судот во Велес е избрана Лидија Димова која има 33 години, 3 месеци и 3 дена судиски стаж, за која гласаа сите членови на Советот и за која рекоа дека ,,мора да добие признание за својата досегашна работа“. За Александар Шопов, досегашниот претседател на Судот во Велес кој исто така беше кандидат, беше речено дека е млад и има време да се докаже.
Судот во Делчево и натаму ќе го води актуелниот претседател Миле Георгиев кој доби мнозинство гласови од Советот.
Единствено не беше избран претседател на Судот во Кавадарци каде единствен кандидат беше судијата Лазар Нанев. За него гласаа 8 судии, 6 беа против, со што не го доби двотретинското мнозинство.
За Претседател на Судот во Прилеп е избран Зоран Стевановски кој единствено го доби потребното мнозинство од членовите. За оваа позиција имаше 5 кандидати.
За претседател на Граѓанскиот суд Скопје нов мандат доби актуелниот претседател Илир Сулејмани за кој сите членови гласаа „за“.
Управната судијка Исмета Амет беше избрана за претседател на Вишиот управен суд. Вишите управни судии кои конкурираа за оваа позиција не ги добија потребните гласови.
За претседател на Основниот суд Крива Паланка избрана е Љубица Цветковска-Стојановска, а Билјана Толова за Основниот суд Неготино.
Освен на основните судови, Судскиот совет треба да избере и шестмина судии во апелациските судови.
Според најавите, седницата ќе трае до доцна попладнево.