Вчеравечер, тимот на СДСМ, предводен од потпретседателот на партијата Ванчо Узунов, ги промовираше предлог мерките од програмата, на трибина во Јегуновце.
Трибината ја отвори потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, презентирајќи ги мерките од новата програма на Социјалдемократскиот сојуз во областа на инфраструктурата, “Македонија без кал” и “Македонија Мегалополис”.
Првата мерка е многу значајна мерка за руралните средини, втората пак, значи стигнување за 90 минути до сите големи градови во Македонија.
Младите кои се иднината на нашата земја ни се исселуваат барајќи чаре за себе бидејќи државата не нуди ни образование ни работа. Училиштето овде работи со школски час што трае 22 минути, што ќе научат децата за 22 минути? се пожалија граѓаните загрижени за иднината на младите генерации.
Пропаднавме во длабока беда и сиромаштија, како ќе излеземе од таа дупка, прашаа граѓаните на трибината во Јегуновце.
Потпретседателот Узунов нагласи дека во Република Македонија како социјално раслоена држава се дистанцираат ултра богати граѓани и крајно сиромашни. Затоа, клучна заложба на СДСМ е враќање на средната класа. Со силна средна класа државата ќе биде финансиски независна, и ќе живееме во финансиски сигурна средина.
Узунов ги презентираше предлог мерките од новата Програма на СДСМ во областа на даночната политика, како враќање на 15% ддв назад кон граѓаните со што ќе се подобри финансиската состојба на секое семејство.
“Ќе имаме побогат народ со тоа и обезбедена држава” , додаде Узунов.
Узунов ги објасни и предлог мерките на СДСМ во областа на економијата како отворање на 8 големи и 8 помошни бизнис инкубатори со што ќе се овозможи отпочнување на сопствен бизнис и отворање на нови работни места пред се за младите луѓе.




