Таканаречената реакција на ВМРО-ДПМНЕ потврдува дека владејачката партија раскалашено троши пари на граѓаните, укажуваат од СДСМ.
– „Капацитетот“ на ВМРО-ДПМНЕ се сведува на раскалашено трошење на парите на граѓаните, на постојано задолжување и на обиди за сокривање на скандалите и последиците од нивното погрешно владеење. Целата приказна околу „капацитетот“ на ВМРО-ДПМНЕ завршува на штета на граѓаните и идните генерации кои ќе треба да ја платат цената на погрешните политики на оваа власт, реагираат од Социјалдемократскиот сојуз откако ВМРО-ДПМНЕ реагираше на изјавите на Петре Шилегов, кој обвини дека Владата на Груевски е вмешана во криење сомнителни тендери.
Од опозициската партија потенцираат дека официјален документ на Владата на Република Македонија, покажува скандалозен обид да се сокријат сомнителни општински тендери за набавка на нафта и превоз на ученици.
– 17 милионскиот долг на 54 општини, од кои над 9 милиони евра се долгови на основните училишта поради превработеност, не е единствениот фрапантен податок во оваа Информација. Градоначалници од редовите на власта, не само што направиле милионски долгови туку пријавуваат и огромни суми во нереални тендерски документации, над 40, реагираат од партијата на Заев.
Во прилог на оваа реакција од СДСМ испраќаат дел од оваа информација во која самата Влада навела:
„…со цел темелно утврдување на проблемите и заобиколување на евентуалното тенденциозно подготвување на тендерските документации.“
– Значи Владата на Груевски одлучила дека „со заобиколување“ ќе ја решава презадолженоста на општините, кои како и државата се потонати во долгови. Ова е огромен скандал. Во него се инволвирани градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ и уште пострашно, нивното веројатно криминално работење, според овој владин документ, го штити лично Владата на Груевски, стои во реакцијата на Социјалдемократскиот сојуз.


.png)




