Како што дознава НОВА, градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис ќе го посети Скопје, вторник, 10 -ти декември, по повод презентацијата на градот Солун, која ќе се одржи во Стопанската комора на Македонија и во оваа прилика ќе одржи на пладне на истиот ден, прес-конференција.
Бутарис, меѓу другите, се очекува да има средба со градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.
На иницијатива на градот Солун, а во соработка со Канцеларијата за врски на Република Грција и Стопанската комора на Македонија, на 10.12.2013 година пред македонската бизнис-заедница ќе бидат презентирани областите кои градот Солун ги има дефинирано како можност за унапредување на билатералната соработка меѓу двете земји. На овој настан ќе се даде акцент на: трговијата, туризмот, транспортот и образованието и тоа преку презентирање на:
– Солун како туристичка дестинација – Оддел за туризам при градот Солун;
– Солун – Европска престолнина на младите во 2014 – Организациски одбор на градот Солун;
– Саемски календар за 2014 на Солунскиот Саем – презентација на HELLEXPO ;
– Солунско пристаниште – презентација на нови услуги;
– Меѓународен универзитет во Солун – отворен универзитет.
По презентациите ќе бидат организирани билатерални средби со хотелите, туристичките агенции, Солунското пристаниште, Саемот и Меѓународниот солунски универзитет.




