Премиерот Зоран Заев очекува Бугарија и Грција да бидат предводници во поддршката за добивање датум за нашата земја за почеток на преговорите со ЕУ, одлука што земјите на ЕУ ќе ја носат овој месец.
Во контекст на се почестите условувања од Софија кои одат, од доведување во прашање на македoнскиот јазик, до идентитетот на Гоце Делчев, Заев вели дека македонскиот и бугарскиот народ отсекогаш биле пријателски народи, а политичарите треба нив да ги слушаат.
– Македонскиот јазик е впишан во ОН, тоа е нашиот идентитет, секако за идентитетски прашања не се преговарало ни порано. Идентитетот не е прашање што се преговара во 21 век. Верувам дека современа Бугарија тоа го разбира. Јас го почитувам и му се поклонувам на Борисов кој е европски политичар кој и во Софија и тука спомена македонски народ. Перцепциите на ограничување на идентитетски прашања не ги овозможува 21 век, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање на доделувањето на 11 -октомвриските награди во Собранието.
Предупреди дека треба да се внимава на играта на зборови во декларациите, но рече дека има разбирање за притисокот во време кога нашата земја очекува датум за почеток на преговорите со ЕУ, а Бугарија е во избори.
Тој верува дека Бугарија ќе даде поддршка, исто како и Грција, а истовремено ќе продолжи и спроведувањето на Договорите.
-Ние ќе ги отвориме поглавјата и тоа ќе биде во годините што следуваат. Тоа ќе треба да го имплементираме, исто како и Договорите со Бугарија и Грција. И македонската и бугарската и грчката очекуваат спроведување на договорите. Преку нивна имплементација ги јакнеме пријателството и соработката.
Претседавачот на мешовитата македонско бугарска комисија експерти која ги води преговорите околу историските моменти, Драги Ѓорѓиев рече дека преговоирте во Комијат ќе продолжат без разлика на она што се случува во политиката.
-Ние сме академска комисија и нашата работа ќе продолжи беа разлика што се случува во политиката. Ние разговараме на три состаноци, а штом разговараме има простор за наоѓање решение со добра волја од двете страни, вели Ѓорѓиев.
Во врска со она што се наметна како проблем во однос на Гоце Делчев, Ѓорѓиев рече дека имаат неколку текстови што ги усогласуваат, а пречка настанала околу како што рече „некои формулации кои ја тангираат современоста. Индиректно преговараме и за проблемите што произлегоа последниов период околу македонскиот јазик, но не на тој начин како што се афирмира деновиве“, потенцира Ѓорѓиев
-Нема да има жртви ниту на едната ниту на другата страна. Мислам на историски жртви. Ако има историски жртви, договорот не е добар, рече Ѓорѓиев кој исто така присуствуваше на доделувањето на наградите во Собранието.
Бугарската влада пред два дена прво усвои Рамковна позиција според која ќе ја поддржи одлуката за почеток на преговори за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ, но постави и услови што ќе треба да бидат исполнети во текот на преговорите.
Бугарското Собрание тоа вчера го преточи во Декларација во која се нагласува дека европската интеграција „нема да биде на штета на искривување на историските настани, документи и артефакти, како и на улогата и ставовите на лицата од бугарската историја“ и се повикува Скопје да го спроведува ефикасно, без одлагање и со добра волја Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, што беше потпишан од премиерите на двете земји, Бојко Борисов и Зоран Заев на 1 август 2017 година.
Во текстот се посочува дека Бугарија „се залага за прифаќање на историската вистина за заедничка историја што ја споделуваат двете држави и народи“.
Бугарското Собрание бара земјава целосно да го спроведе „договореното и постигнатото во рамки на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, како и тие да бидат вклучени во училишните програми и материјали во најкус можен рок“ и се бара „да прекине секаква форма на говор на омраза кон Бугарија и кон граѓаните на Република Северна Македонија со бугарско национално чувство, вклучително и во медиумите и на натписите на спомениците“.
Вчера бугарската интелектуална елита со сопствена Декларација се спротивставува на условите кои бугарската Влада ги бара од нашата земја.
Зад Декларацијата во која се објаснува зошто „Рамковната позиција“ оди предалеку со барањата се потпишани и Бугари и Македонци.
Со Декларацијата се повикува на јакнење на соживотот и соработката помеѓу двете земји. Се предлага враќање на старата практика на збратимување на градовите, емитување на бугарски телевизии во Македонија и македонски телевизии во Бугарија, градење на патишта меѓу државите и конечно градење на Коридорот 8 од кој корист ќе имаат и Албанија, Македонија и Бугарија.
Потписниците на Декларацијата изразуваат загриженост дека со „Рамковната позиција“ може да се потресе добрососедството кое почна да се гради пред нешто повеќе од две години.