Илјадници демонстранти останаа на улиците во Киев цела ноќ. Над половина милион Украинци побараа претседателот Виктор Јанукович да си замине од власт за да може земјата да го продолжи процесот на приближување кон ЕУ.
Вчера демонстрантите во Киев го урнаа споменикот на Ленин во центарот на градот. Тие успеаја да го симнат од постаментот со помош на јажиња. Потоа украинските националисти од партијата Слобода почнаа да ја пејат националната химна, јавуваат локални медиуми.
Портпарол на полицијата соопшти дека маскирани лица го собориле споменикот, кој е на околу еден километар оддалеченост од плоштадот Мајдан.
Споменикот на Ленин висок 3,5 метри е поставен во 1946 година и околу него често има собири на украински комунисти. Ленин, меѓутоа, е омразена личност во националистичките кругови во Украина, кои го гледаат како симбол на потчинување на нивната земја во времето на Советскиот сојуз.
Портпаролот на украинскиот премиер Микула Азаров ова го нарече чин на варваризам. Илјадници демонстранти ги блокирале и приодите кон главните владини згради со автомобили со што тензиите ескалирале.
Претседателот на Европската Комисија, Жозе Мануел Баросо во телефонскиот разговор со Јанукович ја нагласил потребата од политичка солуција за кризата. Со него синоќа разговарал и Генералниот Секретар на ОН, Бан Ки Мун.