Нов состанок денеска во Охрид ќе одржи Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија. Членовите на Комисијата ќе продолжат онаму каде што застанаа минатиот месец на средбата во Софија – ќе расправаат за различни аспекти од прашањето за значењето на личноста и делото на Гоце Делчев во контекст на неговото значење за историското сеќавање на двата народа.
Македонските и бугарските експерти, освен за изнаоѓањето начини за евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев, на осмата средба која се одржува денеска и утре ќе разговараат и за тоа како да се изнајдат заеднички препораки за подобрување на учебниците по историја кои го обработуваат средновековниот период и раноосманлискиот период.
Дискусијата за Делчев, минатиот состанок била исцрпувачка, но плодна и е направен мал напредок поради што членовите ги продолжуваат разговорите на темата.
Ова е прва средба на експертите по реакциите од Софија преку Рамковна позиција на Владата, а потоа и преку Декларација на Собранието во врска со македонскиот јазик и ставот за Гоце Делчев, во контекст на ЕУ интеграциите на земјата.
Премиерот Зоран Заев минатата недела на прославата на 11 Октомври предупреди дека треба да се внимава на играта на зборови во декларациите, но рече дека има разбирање за притисокот во време кога нашата земја очекува датум за почеток на преговорите со ЕУ, а Бугарија е во избори.
Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан ја повика Софија да не го користи пристапниот процес за билатерални проблеми.
Заев вчера имаше средба со македонските историчари, членови на Комисијата, на која како што беше соопштено по средбата, Владата укажала дека останува посветена на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, како и на негувањето на дијалогот и градење на заеднички консензус за сите прашања од делокругот на работа на Комисијата.
Ова е петта средба на Комисијата оваа година, а до крајот на годината е предвидена уште една.
Од претходните средби до владите на двете земји се препорачани заеднички чествувања на св. Кирил и Методиј, св. Климент, св. Наум и цар Самуил, како и препораки за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во Република Северна Македонија и петти клас во Република Бугарија, кои се однесуваат на античкиот период од минатото.
Целта на состаноците, како што велат од Комисијата, е да се изврши денационализација и деполитизација на минатото. Комисијата е формирана на паритетна основа за решавање на историските и образовни отворени прашања, во согласност со член 8 став 2 од Договорот за добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, потпишан на 2 август 2017 година. Има по седум члена од двете држави, претседател од македонска страна е Драги Ѓоргиев, а од бугарска Ангел Димитров – првиот амбасадор на Бугарија во земјава.
Ѓорѓиев минатата недела изјави дека преговорите во Комисијата ќе продолжат без разлика на она што се случува во политиката.
-Ние сме академска комисија и нашата работа ќе продолжи беа разлика што се случува во политиката. Ние разговараме на три состаноци, а штом разговараме има простор за наоѓање решение со добра волја од двете страни, вели Ѓорѓиев.
Во врска со она што се наметна како проблем во однос на Гоце Делчев, Ѓорѓиев рече дека имаат неколку текстови што ги усогласуваат, а пречка настанала околу како што рече „некои формулации кои ја тангираат современоста. Индиректно преговараме и за проблемите што произлегоа последниов период околу македонскиот јазик, но не на тој начин како што се афирмира деновиве“, потенцира Ѓорѓиев.





