Франција не го сменила ставот за проширувањето на Европската унија на вчерашната средба на амбасадорите на ЕУ во Брисел. Според извори на НОВА Министерскиот совет денеска најверојатно нема да може да донесе одлука и за тоа дали ЕУ ќе одреди датум за почеток на преговорите со Северна Македонија и со Албанија ќе одлучува Европскиот совет в четврток.
Расправата меѓу амбасадорите на ЕУ вчера завршила без конкретна одлука, што се потврдува со одбивањето на предлогот кој го понуди финското претседателство, а кој предвидуваше старт на преговори за Македонија и промена на методологијата за преговарање со ЕУ.
Бидејќи амбасадорите на ЕУ биле далеку од консензус, нема оптимизам дека членките ќе ги доближат своите ставови на денешниот Министерски состанок за општи работи што започна во Луксембург.
Дипломатски извори велат дека позицијата на Франција се уште не е сменета. Париз и понатаму смета дека се потребни внатрешни реформи во ЕУ пред да се даде зелено светло за пристапни преговори со Македонија и Албанија.
Прашањето за раздвојување на двете држави е се уште тема која ја наметнуваат некои држави, како Холандија и Данска. Во таа насока е и последната изјава на министерот за надворешни работи на Холандија, Стеф Блок, кој изјави денеска дека Македонија е поподготвена од Албанија за почеток на преговорите со ЕУ. Како што рече Блок, Албанија треба да заврши уште многу работа.
Но и покрај тоа, одлучувачки ќе биде ставот на Франција.

Францускиот државен секретар за европски прашања Амели де Моншалан пред состанокот изјави дека денеска не е тука со позиција да бранам вето, туку да се разговара за две димензии – отворање на преговори од една подготвена Европа и реформа на процесот на преговарање.
– Тоа е долг и фрустрирачки процес за земјата која преговара и не создава доверба. Затоа ова е одлична шанса да разговараме како Европа може да ја реформира целокупната постапка за преговарање и пристапување. Станува збор за самиот процес кој мора да биде ефикасен и самите преговори да имаат структура. Франција смета дека Европа треба се реформира. Сите земји од Балканот имаат европска перспектива и тука нема двојби, но треба да изнајдеме кредибилни начини со цел да се создаде доверба и во регионот и во Европа. Граѓаните се тие коиј не се задоволни, рече Де Моншалан.

Претходно министерот за надворешни работи на Холандија Стеф Блок ја повтори позицијата на неговата земја дека Северна Македонија е поподготвена од Албанија за почеток на преговорите со ЕУ.
– Двете земји направија големи напори. Во однос на Северна Македонија мислиме дека треба да биде преземен уште еден важен чекор, а тоа е законот за јавно обвинителство. Ако тој услов биде исполнет мислиме дека пристапните преговори треба да почнат. Во однос на Албанија, пак, мислиме дека треба да заврши уште многу работа и оти се уште не е подготвена за почеток на преговори, рече Блок.
На прашање дали ќе биде испратен лош сигна за регионот ако не биде одобрен старт на преговорите и дали тоа значи дека ЕУ ги менува критериумите за членство, Блок кажа дека воопшто нема промена на критериумите.
– Главниот сигнал што се испраќа е дека штом земјата кандидат ги исполни критериумите кои се познати, проистапните преговори можат да почнат. Нема ништо ново во тоа. Тоа е праведно и фер, изјави шефот на холандската дипломатија.




