Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет во врска со објавената снимка со заменик министерот за здравство Асим Муса и постапува во насока на утврдување на фактите.
Муса ќе биде повикан да даде исказ.
-Преку меѓународна правна помош од Република Албанија ќе биде побарано да се обезбеди оригиналот на објавената снимка, како и да се утврди кој го снимил и кој го објавил видеото. Дополнително, во Основното јавно обвинителство Струга ќе биде повикан да даде исказ и заменик министерот за здравство. Во текот на предистражната постапка, доколку се покаже дека е потребно, ќе бидат преземени и други дејствија со цел да се утврди евентуална кривична одговорност, соопштија од Јавното обвинителство.
Заменик министерот за здравство денеска објави дека се повлекува од функцијата откако во медиумите беше објавена видео снимка на која се гледа како тој наводно прима пари од пациент од Албанија за хируршка интервенција.
– Нема да дозволам овие цели 23 години инвестиции во професионалноста и во фамилијарниот кредибилитет да биде нарушен на ваква намерна стапица, со лажни наслови кои не се реални како што може да се види и на самата видео-снимка, рече заменик-министерот за здравство на прес конференцијата во Владата.
Муса поднесе оставка само еден ден откако на албанската телевизија „Топ Ченел“ беше објавена снимка во која се тврди дека заменик министерот за здравство Асим Муса, бара мито за да направи операција на пациент од Албанија во земјава. Истражувањето на „Фикс Фаре“ кое траело три месеци ги открива договарањата што ги прави заменик-министерот во болничките простории.
Муса рече дека снимката е „стапица“ и ги обвини медиумите за „дивеење и жед за спектакл“.
„Ова е стапица намерно направена да наштети на мојот углед и чест.
Повеќе од 20 години служам на граѓаните и на општеството чесно. На снимката зборуваме за интервенцијата за странски пациент кои не е осигуран и кој се оперира приватно кај нас. Јас го кажувам можниот износ на интервенцијата за овие пацинети, но тие ми приредија стапица“, рече Муса.
Муса е заменик министер година и половина. Претходно три години беше директор на општата болница во Струга и на болницата за нефрологија.
Авторите на емисијата „Фикс Фаре“ на Топ Ченел објаснуваат дека почнале да го истражуваат Муса, откако до нив стигнале многу поплаки од пациенти кои тврделе дека докторот бара мито.
На почетокот новинарите на „Фикс Фаре“ размениле пораки со заменик-министерот и договориле термин и место за средба во Струга. Тие се среќаваат со заменик-министерот, кој им вели дека треба да се направат анализи за да се види дали пациентот има потреба за интервенција. Во разговорот тој кажува дека операцијата ќе ја изврши во болница и ќе чини 1.000 евра и парите треба да му се даваат нему.
Секретарот на ДУИ Артан Груби денеска коментирајќи ја оставката на Муса, кој е лен на нивната партија, рече дека апсолутен и бескомпромисен приоритет на ДУИ е неселективната правда, борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и владеењето на правото.
-Затоа во името на партијата ја поздравувам денешната одлука на заменик министерот за здравство Асим Муса да се повлече од својата позиција, изјави денеска пред Парламентот Груби.
Одговарајќи на новинарско прашање дали му верува на заменик министерот за здравство дека е наместен и не е виновен, Груби рече дека тоа прашање веќе е апсолвирано.
– Со самото негово повлекување, и за нас и за институциите веќе е решен тој случај и се надевам дека тој самиот ќе успее да ја тргне таа дамка од својата кариера, со понатамошниот тек на неговите активности, рече Груби.





