Македонија мора да се стреми кон намалување на сиромаштијата и кон рамномерна распределба на приходите – ова се главните препораки во редовниот извештај за Југоисточна Европа кој го подготвува Светска банка, a кој денеска беше презентиран во Тирана.
Исто така, во извештајот се посочува дека Економскиот раст во Македонија во првата половина на 2013 година е на највисоко ниво во регионот, како резултат на силното закрепнување во градежниот и услужниот сектор.
Директорката на Канцеларијата на Светска банка во Македонија Татјана Проскурјакова вели дека е добро што земјата остварила позитивен раст, но дека „плодовите“ од тој раст треба да се поделат помеѓу населението за што нужно е намалување на невработеноста.
– Во моментов во Македонија проблемот е што од една страна луѓето не можат да најдат работа, а од друга страна компаниите имаат проблем да ги пополнат работните места, особено оние за кои се потребни квалификувани работници. Мора да се фокусирате на вештините на луѓето, но и на бизнис климата, вели Проскурјаковa.
Во однос на задолженоста земјава се уште е во комфорна зона според извештајот, но потребно е да се внимава.




