Белгискиот премиер (наскоро и нов претседател на Европскиот совет) Шарл Мишел изјави дека вчерашната дебата за проширувањето била многу „тешка“ и „интензивна“, но лидерите одлучиле дека е невозможно да се постигне консензус. Тој, исто така, додаде дека има различни „толкувања“ на предлозите на Комисијата за проширување. „Ќе видиме на кој начин ќе можеме да се вратиме на оваа дебата“, рече Мишел.
Италијанскиот премиер Џузепе Конте пак изрази голема разочараност од немањето консензус за започнување на пристапните разговорите со Албанија и Северна Македонија, кои се блокирани од Франција.
Конте изјави дека „се надева оти ова разочарување нема да ги втурне [Северна Македонија и Албанија] во очај“, додавајќи дека Италија секогаш ќе ги поддршува и ќе продолжи да ги поддржува“.
Австриската канцеларка Брижит Бирлеин изрази жалење поради немањето едногласност во Унијата за започнување преговори со Албанија и Северна Македонија.
„Денеска разговарав со премиерите на обете држави и изразив разочарување. И тие исто така беа многу разочарани“, изјави таа.
Лидерите на ЕУ изминатата ноќ водеа напната расправа , но на крајот не беа во можност да постигнат договор дури и да објават млака изјава со охрабрување и одложување на формалната одлука, пишува порталот Политико.
Шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ утрово во 9.30 ќе направат нов обид да усвојат заеднички став околу аспирациите на Македонија и Албанија за старт на преговори за членство.
Малта и Словенија истапиле со став дека е непринципиелно какво било одлагање и дека одбивањето да се даде јасна перспектива за членство ќе има сериозни последици по стабилноста во регионот како и по кредибилитетот на ЕУ на Балканот.




