Законот за стечајци во првите 100 дена откако ќе ја добиеме довербата на граѓаните, им порача заменик претседателката на СДСМ на стечајците во Куманово, за време на промоцијата на новата програма на Социјалдемократскиот сојуз.
– Тераат политика врз вашата мака. Даваат 25 милиони евра за реклами по телевизиите, но прашањето на стечајните работници не сакаат да го решат. Знаеме за притисоците од власта врз вас и врз Куманово. Постојат многу незнајни херои и низ државата кои едвај си го прехрануваат семејството. Но не потклекнуваат под неправдите на оваа власт. Тоа го знаеме и во име на сите ќе се бориме да го вратиме достоинствениот живот на граѓаните на Република Македонија – им порача заменик претседателката на СДСМ на кумановци.
Шеќеринска им потенцираше на граѓаните дека нејзината партија е свесна дека Законот за стечајци не е доволен да ги реши проблемите на граѓаните поради што се предвидени и други мерки што водат кон враќање на средната класа. Шеќеринска додаде дека тоа се мерките за правичен данок, со кои сиромашните ќе плаќаат помалку, а богатите поголем данок кон државата, за докуп на стаж, како и за државна социјална пензија.
„Куманово и под тешки услови и опструкции од Владата обезбедува помош за социјално загрозените. СДСМ предвидува таква практика во целата држава. Солидарна помош за струја и парно за социјално загрозените семејства. Ако некој ве праша од каде пари, одговорете, тоа е мал дел од парите што власта на Никола Груевски ги истури по улиците на Скопје“, рече Шеќеринска.




