Државниот обвинител, Љубомир Јовески, и обвинителот во јавното обвинителство за гонење организиран криминал, Наум Пановски, велат дека тврдењата на италијанскиот весник „Ла Верита“ за случајот со Меѓународниот сојуз на Боки 13 се „чиста шпекулација“, објави „360 Степени“.
„Наводите во текстот не се точни и од фактографски и од аспект на севкупното постапување на институциите во овој случај. На пример, обвинителката Вилма Русковска во тоа време воопшто не беше шеф на обвинителството за гонење организиран криминал за некој преку неа да се обиде да влијае во случајот“, вели за „360 Степени“ обвинителот Наум Пановски.
Русковска е избрана за шеф на ова обвинителство во ноември 2018 година, а постапувањето на институциите за случајот започнува кон крајот на 2017 година. Исто така, велат дека Управата за финансиска полиција веќе детално јавно го образложила постапувањето во случајот.
Од Обвинителството најавуваат и официјален демант.
Инаку, демантот кој го најавија од Обвинителството се однесува на пишувањата на италијанскиот весник „Ла Верита„ каде се вели Управата за финансиско разузнавање (УФР), сомневајќи се на некои незаконски дејства при трансакцијата на парите на Силјан Мицевски, го замрзнала плаќањето од 750.000 евра извршено во корист на Лилјана Тодоровска. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, на чие чело е обвинителката Вилма Русковска можело да определи притвор на неопределено време и да почне истрага, а Заев се обидел да влијае на случајот и побарал Русковска да ги одблокира парите.




