Пишува: Љубиша АРСИЌ
Проектот на ВМРО ДПМНЕ „АРМ мој вистински дом“ е скандалозна манипулација со старешините во македонската армија. Од 2009-тата кога за прв пат го најави министерот за одбрана, Зоран Коњановски, па се до последната изборна програма на ВМРО ДПМНЕ која се однесуваше од изборите во 2016-та до 2020-та година. 10 години партијата на Никола Груевски подигала рејтинг за гласови преку проектот, особено во армиските редови со ветување станови и куќи по пониски цени за вработените. Низ годините се покажа дека целиот проект е манипулација и постои само на хартија и дека реално на терен не се постави ниту еден камен темелник, не па да се изгради станбен објект. Практично, министрите за одбрана на ВМРО ДПМНЕ, Коњановски, потоа и Зоран Јолевски како да правеле се само проектот да не успее. Потпишувале договори, заверувале документи, утврдиле квадратура на станови и нивната вредност, но на ниту една од неколкуте планирани локации не се постави ниту цигла.

ВО ПРЕДИЗБОРНИТЕ ПРОГРАМИ ВМРО ДПМНЕ СИ ГО БРОИ ПРОЕКТОТ КАКО УСПЕХ, А НА ТЕРЕН НЕМА НИТУ ЦИГЛА
Во 2009-тата, тогашниот министер Коњановски го најави проектот како конечно решение на станбеното прашање на многумина во армијата кои немаат постојани живеалишта, а киријата им ја плаќа војската, што и преставува голем тековен финансиски трошок. Првичната замисла беше во неколку касарни низ државата, заедно со касарната Илинден да изникнат згради со три вида на станови (мал, среден, голем) кои со поволни услови и под пазарната цена ќе им се овозможи да си ги купат заинтересираните старешини.Но, по спектакуларната најава – ништо. Само празно ветување дека конечно ќе се реши еден од поголемите проблеми во АРМ. Во тоа време, додека Коњановски министерува, се до 2011-та, кога го заменува Фатмир Бесими од ДУИ, практично проектот не мрднува од мртва точка- се користи исклучиво за партиски маркетинг, кој многумина го имаат проголтано, а официјално проектот беше наведен во предизборната програма на ВМРО ДПМНЕ за изборите во 2011-та.

Од таа година до средината на 2014-та има целосен прекин во реализацијата на проектот затоа што ниту Бесими, ниту Талад Џафери, како министри не пројавиле интерес за овој проект, а како што пренесуваат вработени од нивните кабинети, изразиле сомнеж уште одма кога ги виделе документите за „АРМ мој вистински дом“. Но затоа, Јолевски кој застанува на министерската позиција по парламентарните избори во 2014-та, кои се одржаа заедно со вториот круг претседателски избори, продолжил со спроведување на проектот, затоа што неговата партија го имала предвидено и во програмата за тие избори. Што значи одново се искористил проектот со станови за предизборна кампања, за потоа одново цели две години до 2016-та да не се преземе буквално ништо. Се што е правено е правено во позадина со хартии и документи, а старешините започнале за се загрижуваат затоа што премногу години биле поминати, од 2009-та до 2016-та, за ништо да не биде преземено околу конкретни градежни активноси на терен.
ФИРМАТА ИЗВЕДУВАЧ ПОБАРАЛА ДА СЕ РАСКИНЕ ДОГОВОР ЗА ГРАДБА НА СТАНОВИТЕ
Во 2016-та во Македонија има нови парламентарни избори, по откривањето на скандалот со прислушувањето, на кои ВМРО ДПМНЕ одново, по трет пат, настапува со големиот проект „АРМ мој вистински дом“ и го нуди како доследно и конечно решение со кое поголем дел од војниците ќе се вдомат, а АРМ ќе покаже дека вистински се грижи за вработените. Освен во партиската програма, каде што изгледа и само ќе остане, Јолевски направил напор во предизборието да и покаже на јавноста дека сепак нешто ќе се гради во следниот мандат на ВМРО ДПМНЕ, по изборите во 2016-та, па го довел проектот до медумско експонирање со наводно поставување камен темелник на една зграда во касарната Илинден. Дента камерите сликале, вестите пренеле, манипулацијата со старешините, но и со други гласачи била лесно завршена. Оставен беше впечатокот во јавноста дека сепак ќе има станови за војници, а со тоа е постигната целта на Јолевски- предизборно да го искористи проектот за ја престави партијата како единствената која се грижи за војничкиот стандарт. За да може нешто да почне да се гради, па макар и лажен камен темелник, неопходен бил договор за јавна набавка. Министерот Јолевски го поптишал со фирмата Инженеринг груп од тетовското село Желино, избрана како најповолен понудувач на тендер.

Потоа, на 1 октомври 2016-та, е организиран медиумскиот настан за поставување камен темелник, за проектот во кој ниту самиот Јолевски не верувал, оти по се изгледа знаел оти нема никогаш реално да се спроведе. Еден месец потоа, сопственикот на Инженеринг груп испраќа известување до Министерството за одбрана со кое бараат да се воведат во работните активности (прва фаза од процедурата за почеток на градба) и второ, да им се исплати првата рата од договорот за да можат да градат. На ова известување им одговорил министерот Јолевски дека министерството веќе склучило преддоговори со 32 лица од армијата кои ќе ги купат првите 32-та стана од планираната зграда и дека тие имаат обврска да уплатат по 20 отсто од сумата за станот, пари кои би биле наменети за Инженеринг груп за да стартува со работа. Но ова никогаш не се исполнило. Напротив предизвикало реакција од фирмата изведувач уште еднаш да напишат писмо до министерот во декември за да укажат дека не им се уплатени ниту пари, а дека на терен, иако немаат направено вовед во работни активности, се соочиле со подземни води од чија штета имаат право да наплатат од министерството, па сега побарувањата на фирмата изведувач се зголемуваат, освен ратата која произлегува од договорот, сега министерството должи пари и за предизвикана штета. Дополнително, Инеженеринг груп бара во писмото да се раскине договорот за изградба на армиските станбени згради. Како потврда дека медиумскиот настан бил целосен фејк потврдува официјален документ на главниот надзорен инженер испратен до Министерството за одбрана и тоа месец и половина по поставувањето на лажниот камен темелник во кој се наведува дека на терен воопшто не е формирано градилиште, нема заштитна ограда, нема табла со податоци, дека дупките не се широк ископ, туку се мали, ископани на случајно избрани места.

КАДЕ Е ДОКУМЕТАЦИЈАТА ЗА ПРОЕКТОТ?
Договорот вредел милион евра, толкава сума би наплатила Инженеринг груп за изградба на становите, но по последното нивно известување од декември 2016-та наваму нема ниту еден друг документ за проектот „АРМ мој вистински дом“. Зачудува фактот што се случило во меѓувреме за сопственикот на фирмата изведувач да престане да пишува дописи и да го бара тоа што му следува, пред се финансиски. Не постои официјален документ во Министерството за одбрана кој ќе потврди дека договорот е раскинат и дека е платена некаква отштета кон Инженеринг груп, пренесуваат извори вклучени во потрагата по документи за проектот. Исто така, не постојат ниту преддоговорите со 32 лица, кои министерот Јолевски ги споменува во одговорот кон фирмата изведувач од Желино, со што им гарантира дека ќе им плати прва рата откако војниците ќе уплатат аванс за становите. Дали Јолевски манипулирал во одговорот и навел лажен податок, или навистина имало договори со некои старешини за да купат стан, ќе се знае откако ќе завршат проверките. Во документацијата која до сега е откриена се споменуваат и две банки, но и од таму нема се уште конкретни докази дека се случувале накакви трансакции. Откриени се записници кои потврдуваат дека голем дел од документите, како Дневникот за работа на пример, се фалсификувале, со неточни датуми, измислени активности, но се било во насока ништо да не се сработи, а во јавноста да се остава впечаток дека проектот се реализира.
Во контекст на ова, дека нешто се случува, а практично ништо не се прави, биле и заседанијата на комисиите, се ангажирале вработени од министерството, се правеле ранг листи, имало период за жалби, па заседавала второстепена комисија, или во превод, се трошеле државни пари и ресурси постапката на хартија да тече, делот кој одел во полза на ВМРО ДПМНЕ, а на локациите превидени за станови никогаш не им се постави ниту ограда за да се почне со работа. Интересно е што молчи и Азем Хисмани од Желино, кој во договорот е наведен како изведувач. Тој, иако барал раскинување на договорот и исплата на отштета, сепак не сакаше да зборува кога му се обративме. Откако љубезно ги послуша прашањата, го прекина разговорот со оправдување дека патува и не може за тоа да зборува. Што навистина се случило во последните три години со проектот и со документацијата во моментов е непознато, но доколку продолжи потрагата на официјалните органи лесно ќе може да се открие зошто стивнале реакциите на Хисмани во Министерството за одбрана.
Дали може некој да одговара за ваков манипулативен скандал? Политичката одговорност може и некако да се плати, но дали постои кривична? Секако дека крајот на интерната истрага во Министерството за одбрана ќе открие дали некој ќе биде гонет за лажното преставување на проектот во јавноста и пред воените старешини. Особено појасно ќе биде кога ќе се утврди со точност дали недостасува документација, кој ја уништил, дали некој презел нешто незаконски, дали се користеле државни ресурси за подигање партиски рејтинг и уште многу други прашања за да може да се определи некаква и нечија одговорност. Но, со овој случај не завршуваат потрагите по сомнителни активности на министрите за одбрана од претходната власт, вклучитело и двајцата на ДУИ. Изворите упатуваат на проверки и на други предмети во кои била користена државата за партијата, но и за лични интереси.