Стечајците кои денеска протестираат пред Законодавниот дом во однос на дебатата за Законот за материјално обезбедување на невработени лица, се обидоа да го пробијат полицискиот кордон, откако на четворицата претставници кои претходно се упатија внатре не им било дозволено да присуствуваат. Први во редовите беа жените.
Стечајците револтирани од односот на власта се обидоа насилно да влезат на седницата при што полициските сили ги спречија во намерите.
-Ова е срамно и жално што го правите, ја доведовте цела полиција од Македонија да не’ тепа, срам да им е и на Владата и на Трајко Вељаноски зашто со полиција тргаат на својот народ. Да даде Господ и тие да немаат денар в џеб, како ние што немаме, рече Лилјана Георгиевска, лидер на стечајците.
Со пароли, „Спасете ги стечајните работници“, „Нож до коска“, тие денеска од 10 часот протестираат пред Собранието, а велат ќе останат додека е потребно, бидејќи тие се борат за 100 евра, пари кои според нив ќе им ги овозможат основните егзистенцијални услови.
Како што претходно за НОВА изјави, Лилјана Георгиевска, се работи за „чист геноцид, кој го нема во ниту една држава“.
Тие најавија дека ќе протестираат пред домовите на сите пратеници додека не биде решено нивното прашање, и потенцираа дека доколку продолжи вака, овој проблем ќе стане „Украина 2“, а подготвени се и да постават шатори, пред Собранието, како и да протестираат пред домот на секој пратеник.
Со лицата кои бараат месечен надомест од 100 евра, на улиците излезе и потпретседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска која разговараше со нив и лично ги слушна нивните барања.




