Нема сомнение дека Брегзит е стратегиска катастрофа за Европската унија. Но, се чини дека малкумина разбираат дека ЕУ се движи кон друга стратешка катастрофа – овој пат на Балканот, оценува поранешниот шведски премиер и специјален пратеник на ЕУ за поранешна Југославија, Карл Билт, во колумна за „Вашингтон пост“.
– Минатата недела Франција стави вето на отворањето на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија, наспроти повторената позитивна препорака на Европската комисија и волјата на другите земји-членки. Со тоа може да се урне повеќедеценискиот стратешки пристап на ЕУ кон Балканот, предупредува Билт.Потсетува дека од завршувањето на балканските конфликти во деведестите, приоритет на ЕУ беше воспоставување долгорочна стабилност на овој проблематичен дел од континентот. Но, нагалсува Билт, да се стави крај на војните е една работа, но да се изгради вистински мир бара долгорочен напор, особено околу мирната интеграција.
– Во 2003 година, на Самитот во Солун, европските лидери официјално се обврзаа да ја отворат ЕУ за членство на сите земји од Западен Балкан. Оттогаш, ова беше светилникот што ги инспирираше и ги водеше политиките на земјите во регионот, со цел да ги реформираат економиите и општествата, да се надминат поделбите од минатото и да се подготват за европската иднина. Тоа сигурно не беше лесно и напредокот е бавен во многу области. Но, во регион кој е распнат меѓу силите на распаѓање и на интеграција, рамнотежата очигледно се префрли од првото на второто, во голема мера благодарение на европската перспектива. Но, овој проект се става во опасност со одлуката на Франција за Северна Македонија. Никој не сметаше дека членството на Северна Македонијаво ЕУ ќе се одвиваше брзо. Прашањето беше за започнување на децениски процес на преговори и реформи инспирирани од таа перспектива. Впрочем, Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција со кој се реши долгогодишниот спор за името на земјата, требаше да биде де факто предуслов за започнување на европскиот пат. Сега, Париз вели дека ова ќе мора да почека додека не се направат некои недифинирани реформи во ЕУ во наредните години, а можеби и децении, вели Карл Билт.
– Со можноста за евроинтеграција, Србија требаше да избере помеѓу својата иднина со Европа и минатото со Косово, а со тоа да се нормализираат односите меѓу Белград и Приштина. Ако Европа ја затвори вратата, ова станува неизмерно потешко. И со сите свои тензии, иднината на Босна секако ќе биде многу постабилна ако земјата беше вклучена во европските структури. Францускиот претседател Емануел Макрон зборува елоквентно за одговорноста на Европа и сака да се позиционира како фигура што ја започнува новата траекторија на ЕУ од глобално значење. Сето тоа е добро и добро – и итно е потребно – но тешко компатибилно со уривањето на кредибилитетот на ЕУ во самата Европа, истанува Билт.
Вели дека Франција можеби никогаш не била ентузијастички поддржувач на проширувањето на ЕУ, но генерално го прифати процесот и среќно живееше со резултатот.
– Сепак, Франција направи сè што можеше за да ги блокира перспективите за пристапувањето на Турција. Иако влијаеја и други фактори, ова играше улога во придвижувањето на Турција во друга насока. Додека Турција во минатото беше стратегиска можност за Европа, таа сега се претвори во стратегиска опасност за Западот. Гледајќи нанапред, ризикот е дека истото може да се случи на Балканот. И додека балканските земји ќе останат економски зависни од ЕУ, неизбежното забавување на потребните реформи и на евроинтеграцијата, веројатно ќе принуди уште повеќе млади луѓе од Балканот да ја бараат својата иднина во ЕУ. Оние што остануваат може да бидат повеќе привлечени од опасните политики на национализмот и носталгијата. Лишени од иднина, тие можеби ќе бараат враќање во минатото. И на крајот на краиштата, тоа е Балканот. Видовме дека тоа се има случено и претходно, вели Карл Билт, во колумнатa за „Вашингтон пост“.




