Амбулантата во Ѓорче Петров ќе оди под јавно приватно партнерство. Советот на Општина Ѓорче Петров на последната седница ја изгласал одлуката – руинираните и распаднати бараки на амбулантата да се дадат на приватен партнер, кој ќе изгради повеќенаменски комплекс во кој покрај амбуланта ќе има и градинка, можност за изградба на геријатрија, како и мал трговски центар.
Во Општината велат дека одлуката за ваков проект ја донеле поради потребата на граѓаните за подигање на стандардот на здравствените, социјалните и административните услуги, а со оглед на тоа што Општина Горче Петров не располага со буџетски средства и капацитет да ја гарантира изградбата се одлучиле на договор за Јавно приватно партнерство(ЈПП).
Градоначалникот Александар Наумовски за НОВА вели дека дополнително со тендерската документација ќе се утврди на колку години ќе биде склучен договорот за ЈПП.
„Предвидено е амбулантата да се простира на 400 метри квадратни. Со ЈПП ќе се подобрат условите за работа на матичните лекари, а ќе се обезбедат и современи услови во делот на детската заштита, а во детската градинка ќе има можност за престој на 120 деца“, изјави за НОВА, Александар Наумовски, градоначалник на Општина Ѓорче Петров.
Амбулантата е стара 55 години, а во последните 40 години не е воопшто реновирана. Условите во бараките наликуваат како од сцени на хорор филм, зидовите се распаѓаат, инсталацијата е дотраена, тоалетите се во ужасна состојба, во услови опасни по здравјето на луѓето. Амбулантатите во кои ординираат лекари концесионери опслужуваат околу 10 000 луѓе од населбата Ѓорче Петров.
За исклучително катастрофалните услови за работа на персоналот и за пациентите постојано се пишува во медиумите, но досега не беше превземено ништо од страна на Здравствениот дом, Министерството за здравство или од претходното раководство од Општината. Минатата година министерот Филипче најави дека дека до септември истата година проблемот ќе биде решен.
Во август годинава двете Министерства, за здравство и труд и социјала потпишаа Меморандум за соработка кој вклучува изградба на нова амбуланта, детска градинка и паркинг со деловен простор.
Постапката за договор за ЈПП е претходно изработена физибилити студија прифатена од Општина Ѓорче Петров и од Советот на Општината на 33 седница одржана на 24. 10 2019 година. Проектот ќе чини 4,587,504.00 евра.