Породилното боледување треба да се продолжи за три месеци и тоа на жената треба да и биде платено, а не како што предлага Владата неплатено вели за НОВА Методија Трајаноски специјалист за јавно здравство и социјална медицина. Според Трајаноски секој во државата може да земе неплатено боледување од три месеци согласно законската регулатива и нема зошто Владата да предлага такво нешто за да ги стимулира семејствата и да се зголеми наталитетот. Напротив, вели Трајаноски, во време на низок стандард на граѓаните ниту една жена нема да се одлучи да земе три месеци неплатено породилно боледување бидејќи финансиски нема да може да го издржи тоа.
Пред повеќе од еден месец, Владата излезе со предлог породилното боледување да се продолжи за три месеца неплатено отсуство од работа, само со платени придонеси за здравствено осигурување. Ваквиот предлог беше поздравен од Сојузот на синдикати на Македонија. Првиот синдикалец Живко Митревски дури посочи дека со ова се унапредуваат правата на жената работник.
– За разлика од она што се случува во другите држави, каде породилното отсуство се намалува и на шест месеци, ние имаме еден тренд на обезбедување дополнителни права кои ќе го заштитат мајчинството и ќе овозможи побезбеден живот на децата, изјави тогаш Митревски.
За Трајаноски ова е нелогичен потег на надлежните кои ги кројат здравствените реформи.
– Оваа власт има историска шанса да направи еден тежок чекор, со кој ќе го продолжи платеното породилно отсуство, со што ќе докаже дека се грижи за повеќедетното семејство, но не на ваков начин бидејќи и до сега и таткото и мајката можеа да земат неплатено боледување согласно законската регулатива вели за НОВА Трајаноски.
Експертите овој предлог го сметаат за гаф, а предлагаат дебатата околу измените на Законот за здравствена заштита да се води во насока со која од сегашните 9 месеци породилно отсуство, кое е покриено со месечни приходи од Фондот за здравствено осигурување, да се продолжи за три месеци продолженото отсуство кои ќе бидат покриени со месечни приходи за родилката. Дали тоа ќе биде поделено помеѓу ФЗОМ и државата, помеѓу државата и работодавачот или на некој друг начин, тоа може да се реши и не треба да претставува пречка за продолжување на породилното отсуство.
-Само така продолженото платено породилно отсуство ќе го зголеми наталитет во нашата држава, а што е најважно, ќе придонесе за зачувување и унапредување на здравјето на новороденчињата вели Трајаноски.
Како пример, тој ја посочува Шведска, каде што породилното отсуство изнесува 480 дена, од кои што 60 дена или 2 месеци задолжително се однесуваат на таткото, што го прави оваа отсуство да стане родителско, наместо само мајчинско. Тоа значи дека, од една страна, детето ги запознава и двајцата родители, а од друга, претставува формула за еднаквост помеѓу половите.
Според тврдењата на експертите од целиот свет, за да се зголеми наталитетот и стапката на доење, клучот е во продолжување на породилното отсуство. Но, повеќето жени во светот, како и кај нас се враќаат на работа пред да им заврши породилното боледување бидејќи не се во можност да издржат финански.