Центарот за комуникации на СДСМ реагираше денес на веста за исклучителното загадување на Скопје. Партијата смета дека е “доведено е во прашање здравјето на Скопјани поради задоволување на интересите на власта на Никола Груевски.
Резултат на непромислените и неодговорни политики на Никола Груевски, Коце Трајановски и ВМРО-ДПМНЕ е ова што денеска се случи. Ги затворија граѓаните, го ограничија нивното движење, дури го ограничија и проветрувањето на просториите, поради до сега незапаметениот степен на загадување на воздухот.
Апелите на СДСМ за преземање мерки за намалување на загаденоста на воздухот во главниот град со години се игнорирани.
За време на мандатот на ВМРО-ДПМНЕ, уништени се повеќе паркови и зеленила за поставување споменици и за бизниси со катни гаражи. Уништени се:
– Паркот спроти хотелот Бристол, за административна зграда,
– Паркот пред Домот на АРМ,
– Паркот Жена Борец, за поставување споменици
– Паркот пред КИЦ, за катна гаража
– Паркот зад Собранието на РМ, за катна гаража
– Паркот зад главната пошта, за барокна катна гаража
– Двете зелени парцели околу плоштадот Македонија, за хотел
Зеленилото во Скопје го снема, за неодговорната и расипничка власт на ВМРО-ДПМНЕ да го покрие градот во бетон.
Прашуваме:
Дали затоа што еден од најголемите снабдувачи на Град Скопје со бетон е шурата на градоначалникот Коце Трајановски?
Или власта е глува на бројните апели и петиции за загадувањето од оџаците на Железара зашто го штити Минчо Јорданов?
Каде е алтернативата на Коце Трајановски на понудата на СДСМ на последните локални избори за поврзување на зеленилото од парк – шумата Водно со градското зеленило и создавање на т.н. „зелени коридори“, со 500.000 метри квадратни нови зелени површни Скопје и ботанички градини на крововите?
И, ова ли го криеше скопскиот градоначалник Трајановски кога мерните станици на загаденоста на воздухот станаа нефункционални?
СДСМ бара одговорност од градоначалникот Коце Трајановски и од ВМРО-ДПМНЕ за загрозување на здравјето на граѓаните на Град Скопје”, вели СДСМ.




