Oд среда, младите ќе учат во училиштата како да се превенираат и навремено да се детектираат раните симптоми и несакани ефекти од користење дрога, алкохол и цигари, преку проект кој во првата фаза ќе опфати 26.000 средношколци од сите средни училишта од Скопје, а потоа е предвидено да се вклучат и осмооделенците од скопските основни училишта.
Предавањата по средните училишта ќе ги вршат 36 стручни лица од Здравствен дом – Скопје, а истите ќе започнат оваа среда.
– Започнуваме со средношколци од прва и втора година средно образование, при што предавањата почнуваат од оваа среда па до 25.12.2013 година, до кога се планира да бидат опфатени средношколците од прва и втора година од сите скопските средни училишта. Во текoт на второто полугодие ќе бидат опфатени и останатите ученици, односно активностите ќе се прошират и ќе бидат опфатени и средношколците од трета и четврта година, по што со одредена динамика во проектот постепено ќе се вклучат и осмооделенците од скопските основни училишта, а потоа проектот ќе се прошири низ целата држава. За успешна реализација на овој проект, изготвен е детален Акциски план за овие предавања, со точно утврден распоред и истите ќе се одвиваат на првиот и вториот час во определените класови, вели министерот за здравство Никола Тодоров.
И градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски го поздрави овој проект.
„Учениците ќе имаат можност да слушнат за ризиците и последиците по здравјето од стручните лица од превентивните тимови, при што самите едукации ќе имаат интерактивен пристап, односно учениците ќе имаат можност да добијат информации за прашања за заштитата на своето здравје од нивен интерес. Особено важно е што при оваа едукација ќе бидат опфатени и директорите на средните училишта, како и родителите на учениците“, изјави Трајановски.




