Загадувањето во Скопје е алармантно и затоа не може одговорните да креваат раменици и да велат дека никој за тоа не е одговорен, а тоа да значи околу 2.000 изгубени животи секоја година и огромна цена, за нашите деца, за нашите граѓани, за нашите семејства, предупреди заменик-претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска, коментирајќи ја состојбата со загадувањето во урбаните средини.
Енормното загадување, според неа, го означило крахот на сите досегашни владини политики за „денот на дрвото“ и покажало дека „урбаната мафија не ни го узурпираше само просторот, туку ни го узурпираше и воздухот и нашето здравје“.
-Последниве години, Скопје стана најзагаден град во цела Европа. На сите наши апели, критики и барања, Владата одговараше со молк. Факт е дека во последнава недела, ова загадување доживува свој врв и единствениот чекор што го преземаат македонските власти е да советуваат да не излегуваме од дома, да не’ советуваат децата да ги држиме дома и да не проветруваме.
А нема никаква вистинска реакција која ќе значи поздрав и поквалитетен живот за македонските граѓани, изјави Шекеринска, најавувајќи дека СДСМ во новата програма предвидува серија мерки со кои државата систематски ќе се бори против загадувањето во главниот град.
Шекеринска реагираше против одлуката на надлежните да биде исклучена веб-страницата која покажуваше колку Скопје е загаден град и побара од владејачките структури уште повторно да ги објавуваат податоците за загаденоста во Скопје, но и податоците за тоа од каде произлегува ова загадување.




