Македонија, според нацрт заклучоците кои денеска и утре ќе се најдат пред Советот на министрите на ЕУ, во пресрет самитот на Унијата в петок, нема да добие датум за преговори.
Како што објавува Радио Слободна Европа, во заклучоците се наведува дека земјата мора да работи на добрососедската политика, да се изнајде прифатливо решение за името и да го исполнува политичкиот договор од март. Истакната е и загриженоста за слободата на изразувањето и состојбата со медиумите.
Се наведува дека одржувањето на добрососедските односи, вклучувајќи преговори и заедничко прифатливо решение за прашањето за името под покровителство на ОН, останува од суштинско значење.
Советот ги зема предвид последните контакти со посредникот на ОН, Метју Нимиц. Во врска со важноста на одржување добрососедски односи, Советот очекува континуираното високо ниво на контакти меѓу Македонија и Бугарија да се преточи во конкретни акции и резултати.




