Образложувајќи го предлог-буџетот за 2014 година во Собранието, министерот за финансии Зоран Ставрески рече дека буџетот за 2014 година ќе овозможи подинамичен економски раст преку реализација на капитални инвестиции кои се за 11% повеќе во однос на 2013, и ќе ја задржи социјалната стабилност преку зголемениот износ за пензии и социјална помош, како и преку зголемениот износ за субвенции од 140 милиони евра.
„Едната функција на Буџетот ќе биде да го компензира ефектот на сеуште слабата европска економија и со поголеми капитални расходи да се постигнат повисоки стапки на економски раст, рече Вицепремиерот, додавајќи дека Македонија е единствена во ЈИЕ која има фискален простор да го одржи нивото на буџетски дефицит на повисоко ниво со цел да ја помогне македонската економија.
Тој додаде дека приходната страна е конзистентна со економските политики што ги води Владата од 2006 година, а тоа е, како што истакна, Македонија да остане земја со најниски даноци.
– Не е предвидено зголемување на ниту еден данок. Структурата на приходите ќе остане иста каде најголемо учество ќе имаат даночните и социјалните приходи, рече Ставрески.
За социјлани трансфери се проектирани 77.667 милиони денари, за здравствена заштита се планирани 22.217 милиони денари, предвидени се и средства за нови социјални права односно исплата за правото на посебен додаток за самохрани родители, за деца со пречки во развојот, право на додаток за глувост, проширен е додатокот за мобилност, испланирани се средства за постојните дневни центри, за народните кујни и за енергија за најзагрозените категории, за субвенции во земјоделството се предвидени за 5 милиони денари повеќе во однос на оваа година и ќе достигнат историско највисоко ниво од 140 милиони евра.
– Тоа е континуитет на политиката што ја продолживме во кризни времиња и ќе ја продолжиме во 2014 година. Сите овие факти покажувааат дека Владата посветува внимание на поддршка на сите граѓани од ранливи категории. Освен силната развојна вклучуваме и димензија на социјална стабилност, рече вицепремиерот Ставрески.
Дефицитот, како што посочи, ќе се финансира преку домашни и надворешни извори. Тој смета дека ликвидноста на домашниот банкарски сектор овозможува со ниска камата да се обезбедат потребните средства, како и сите други држави, а од друга страна рече дека будно ќе се следат и состојбите на пазарите на капитал.
Ставрески ова го објасни повикувајќи се на економските политики на Владата, потенцирајќи дека преку нив економијата во Македонија заздравува.
Како едни од причинителите за успешна економска година, Ставрески рече дека се редовната исплата на субвенции, и навремено исплатениот долгот кон стопанството.
Исто така, посочи на раст на градежништвото во време на светската економска криза, преку изградба на автопати, училишта, објекти за културата, спортски објекти…што според Министерот за финансии значело механизација на компаниите како и обезбедување на работа.
Владата, посочи Ставрески, очекува добри економски резултати и за 2014, и рече за првпат од 1996, невработеноста паднала под 30%, а според последните податоци, Македонија има стапка на невработеност 28,8%, и сето тоа преку сериозно и добро работење.




