Претседателот Стево Пендаровски, кој во Париз учествува на Парискиот мировен договор, денеска ќе има средба со шефот на француската држава Емануел Макрон.
Пендаровски на средбата со Макрон ќе има можност директно од него да ги слушне ставовите на Франција за проширувањето и за новата методологија на преговарање.
Тој минатата недела изјави дека средбата со Макрон е добра можност да се изложат аргументите на двете страни и да ги слушнат мотивите на францускиот претседател. Посочи и оти ние како земја немаме никаква резерва спрема најавената нова методологија.
Шефот на државата оцени да не се оди со преголеми очекувања од средбата, бидејќи, како што рече, иако сме мала држава и имаме силни аргументи, сепак ниту Америка, ниту Германија, никој никогаш не може да го убедува претседателот на Франција.
Париз инсистира на претходни внатрешни реформи во ЕУ и промена на методологијата за прием на нови земји членки.
Минатата седмица, францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние на новинарско прашање за очекувањата од средбата меѓу претседателот Пендаровски и шефот на француската држава Макрон во Париз и дали тоа ќе придонесе за поголема динамика во македонско-француските односи, не сакаше да даде коментар.
– Во сè она што е комуникација околу таа официјална посета, сепак би ве упатил на претседателството на Републиката, затоа што сметам дека не би било куртоазно од моја страна однапред да говорам за тоа, вели Тимоние.
Пендаровски вчера учествуваше на вечера за шефови и држави на влади организирана од францускиот претседател. Денеска тој ќе има обраќање пред учесниците на Форумот и на кој ќе се осврне на регионалната безбедност, најавуваат од неговиот кабинет.
Парискиот мировен форумот има за цел да отвори дебата за големите глобални безбедносни предизвици со експерти, професори, претставници на граѓанското општество и на меѓународните организации, министри и шефови на држави и влади.
Емануел Макрон ќе го отвори Форумот утрово, заедно со избраната претседателка на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејн, претседателот на Демократска република Конго, Феликс Чисекеди и потпретседателот на Кина, Ванг Чишан.
Учесници се и српскиот претседател, Александар Вучиќ, германскиот министер за надворешни, Хајко Мас, шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, но и Александар Сорос, синот на Џорџ Сорос.
Билатералната средба со Макрон доаѓа неколку недели по француското вето за преговори со Северна Македонија и барањето на Франција да се замрзне проширувањето додека не се реформира Европската Унија внатрешно





