Кривичниот суд денеска соопшти дека првото рочиште за предметот што во јавноста е познат како „Рекет“ ќе се одржи на 3 декември.
Согласно АКМИС – електронскиот систем, предметот е распределен кај судечки совет со кој претседава судија Николовска – Масевска.
Во случајот првообвинет е Бојан Јовановски, второобвинета е поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и третообвинет е Зоран Милески.
Според обвинението, што го покрена Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција на 10 октомври, Јовановски и Милевски се товарат за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“, a Јовановски и за „Перење пари и други приноси од казниво дело “. Јанева се товари дека сторилa кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“.
Јовановски и Милевски од бизнисменот Орце Камчев кој го пријави случајот, зеле 1.500.000 евра, а Јанева мебел и 50.000 евра за да му обезбедат олеснителни околности на Камчев во случајот Империја на тогашното СЈО каде е осомничен за перење милионски суми.
Истрагата од минатиот месец се прошири на уште четири лица, за перење пари, измама и помагање во измама . Меѓу новоосомничените е и потпретседателката на Собранието Фросина Ременски, почесен претседател на Меѓународниот сојуз, потпретседателката на овој Сојуз Јасна Мандиќ, таткото на Бојан Јовановски, Миле Јовановски, Христина Блажевска и Бојан Јовановски кој е осомничен за нови кривични дела.
Во меѓувреме, Камчев кој е сведок во овој случај бара нов привремен пасош за бизнис патувања, но обвинителката Лиле Стефанова која и натаму го води случајот Империја кој сега е во надлежност на ЈО, смета дека барањето треба да му се одбие. Одлуката треба да ја донесе Кривичниот суд.
Камчев веќе имаше ваков пасош со траење од 6 месеци, одобрен од Јанева.
Камчев и екс директорот на УБК Сашо Мијалков во „Империја“ се осомничени за перење пари, на штета на државата, а во своја корист, и сомнежот е дека се „испрани“ или злоупотребени околу 10 милиони евра. Под лупа на истражителите од СЈО биле петнаесетина македонски фирми, кои се основани или се во сопственост на странски компании, а регистрирани на адреси на Сејшели, Панама, на Британските Девствени Острови, Белизе и на други локации во САД. Низ нив се свртеле милиони, а зад дел од нив се криело името на Камчев, или на негови блиски соработници.




