-Имаме ли 80 пратеника, има ли бадентерово мнозинство, ние сме подготвени и се отвора можноста за чекор назад, тоа сум го кажал и тука нема и не треба да има дилема, вели лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Дојче Веле, одговарајќи на прашањето во врска со Преспанскиот договор, како услов за членството на земјава во НАТО.
Но тој не дава прецизен одговор како, доколку неговата партија дојде на власт, ќе постапи со Договорот, туку одговара:
-Имате граѓани кои што велат како вас – не треба да се оди чекор назад кон Договорот, а имаме граѓани кои велат искинете го договорот и фрлете го во ѓубре. Ниту едното, ниту другото не го решава проблемот. Секогаш вистината е помеѓу, а вистината е дека треба да имате чесен пристап. Со едноставно кинење на договорот и фрлање во корпа не се решава проблемот, затоа што проблемот ќе си остане, бидејќи овој неспособен радикал го направил, вели Мицкоски.
Тој исто така го коментира и Договорот за добрососедство со Бугарија и објаснува како би одговориле на декларацијата на бугарскиот парламент.
– На црвени линии со црвени линиии се одговара. Не може ние на црвена линија да одговориме со бела линија. Како? Ќе прифатиме да мумламе во химната кога ќе дојде делот за Гоце Делчев?! Ќе прифатиме дека јазикот кој што го говориме вие и јас не е македонски? Знаете ли зошто секогаш ние губиме? Кога нема национално еднинство. Кога ќе имаме национално единство и цврст став, без разлика дали е тоа ВМРО,СДСМ ДУИ, Алијанса, кога сите ние ќе излеземе со униформна декларација – тоа е крај и тука нема назад, истакнува Мицкоски и додава:
-Оваа влада во заминување направи грешки, некоја друга треба да ги менаџира и корегира. Дали со тимот со кој ќе работиме ќе успееме сите грешки да ги поправиме? Можеби да, можеби не. Можеби некои грешки ќе бидат непоправливи, но ние не можеме да го поедноставуваме прашањето на црно-бело.
Тој смета дека „овие понижувачки договори не ни го обезбедија тоа што требаше да ни го обезбедат“, односно дека членството во НАТО е работа која што е започната од многу порано, уште во 2008 година, а решавањето на спорот на името воопшто не било услов за тоа.
– Не можам да се сложам дека е благодарение на тој Договор, но да, се бараше од страна на НАТО решение за проблемот кој што го имавме со нашиот јужен сосед. Но гледате дека овој Договор не е решение за проблемите на граѓаните. Ако некој на граѓаните им ветува дека со членство во НАТО ние ги решаваме проблемите, тоа не е точно. Тоа е стратегиско партнерство кое што служи да бидеме дел од организација која во светот застанала зад Македонија, на начин на кој застанала и зад 29 други држави, вели Мицкоски во интервјуто за ДВ.




