Пратеникот од СДСМ, Јани Макрадули на денешната собраниска седница посветена на буџетот 2014 изложи една, како што ја рече, мала анализа за проектот Скопје 2014.
Мене баш ме интересира кога било ветено Скопје 2014 на избори, праша Макрадули, и кога било ветено пљачкањето на граѓаните на Република Македонија. Имено, ова е една мала анализа за проектот Скопје 2014. Во таа анализа вели:
1. Македонско село – основен проект 3,5 милиони евра, според Буџетот чини 6.6 милиони евра.
2. Управна зграда на транспорт и врски – 4,9 милиони евра, до сега потрошени 5,7.
3. Изградба на собраниска зграда – основниот проект 12,8 милиони евра, до сега според Буџетот 19,3 милиони евра.
4. Филхармонија – 7,4 милиони, до сега потрошени 12,3 милиони.
5. Музеј на ВМРО – основен проект 4,5 милиони евра, до сега потрошени фантастични 17,4 милиони.
6. Стариот театар рекордер – до сега потрошени 41,6 милиони евра.
Затоа, почитувани граѓани, се поставува прашањето: Кој на избори ја вети оваа пљачка на граѓаните на Република Македонија? Кој вети надвор од сите закони, не 30%, тука имаме качување на 70%. Сите овие објекти требаше одамна да бидат завршени, кој во 2011, кој во 2012 и 2013. Тоа е една работа.
И втора работа, локалната самоуправа треба да ги решава проблемите на граѓаните.
Се поставува прашањето, зошто фонтаната во Скопје, новата, ќе се плати две третини од Владата од Буџетот од цела Македонија, а една третина од Буџетот на град Скопје.
Која е таа потреба и кое е тоа ветување за нова фонтана, која што треба да ја платат граѓаните на цела Македонија? Кое е тоа ветување дека граѓаните на Република Македонија треба да платат 12 милиони евра за панорамско тркало, на претпријатие што е во загуба, а го финансираат сите граѓани од Република Македонија, вклучувајќи ги и тие од Битола, истакна денеска од собраниската говорница Јани Макрадули.




