Министерството за транспорт и врски најостро реагира на изјавите на пратеникот на партијата СДСМ, Јани Макрадули, дадени во Собранието на Република Македонија кои се однесуваат на проектот за реконструкција и надградба на управната зграда на Министерството за транспорт и врски со кои наведува дек биле предвидени „4,9 милиони евра а досега се потрошени 5,7 милиони“.
Оттаму потенцираат дека станува збор за целосно неточни и произволни наводи со кои „најверојатно пратеникот Макрадули се обидува да манипулира со јавноста, давајќи лажни податоци, а притоа криејќи се зад собраниската говорница, која му нуди имунитет во однос на одговорноста за искажаните невистини“.
– Сакаме да ја информираме јавноста дека вкупната вредност на договорот за реализација на проектот за реконструкција и надградба на управната зграда на Министерството за транспорт и врски изнесува 304.367.451 денари со вклучен ДДВ, односно 4.933.021 евра, а до сега се исплатени вкупно 11.414.832 денари, односно 185.005 евра, што е далеку помалку од сумата која ја кажува Макрадули како „веќе потрошена“ за овој проект, се вели во реакцијата.
Од Министерството за транспорт и врски соопштуваат дека ороектот за надградба и реконструкција на управната зграда на Министерството опфаќа изградба на дополнителен простор со што ќе се добие една функционална целина со цел што подобро и поефикасно функционирање во една главна административна единица на Министерство.
„По реконструкцијата, во управната зграда на Министерството за транспорт и врски ќе функционираат и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Државниот инспекторат за транспорт, Државниот комунален инспекторат и Агенцијата за сигурност во железничкиот систем. На овој начин ќе се овозможи сите сектори и органи на Министерството за транспорт и врски да бидат на едно место, наместо како што е сега на повеќе локации во Скопје, односно граѓаните ќе можат да ги добиваат сите услуги од овој ресор на едно место“, стои понатаму во реакцијата.
Во рамките на проектот се предвидува објектот да биде подобрен согласно потребните стандарди за статика, а ќе се изврши целосно обновување, односно ново инсталирање на термотехничките, електричните и санитарните инсталации.
Од Министерството го покануваат пратеникот Јани Макрадули да одговори на прашањата зошто ниту една влада на СДСМ во минатото не повела сметка за одржувањето на административниот простор на Министерството и зошто се обидуваат да дисквалификуваат еден ваков проект?




