Европратеникот Ричард Ховит, изрази разочарување за одлуката на Советот во однос на Македонија и нејзиниот евроинтеграциски пат, и предупредува на „уште една загубена година“.
„Европскиот совет на министри донесоа погрешна одлука во врска со новата блокада за почеток на преговорите на Македонија за членство во Унијата“, вели Ховит, предупредувајќи следната 2014 година да не се дозволи да биде „уште една загубена година“ при европските амбиции на земјата.
Одлуката, во однос на проширувањето и стабилизацијата, на Европскиот совет, гласи дека земјата доволно ги исполнува политичките критериуми.
Сепак Советот се согласи следната година „да се врати“ на ова прашање, врз основа на последователен извештај за имплементацијата на реформите, имплементацијата на договорот од 1 март, во однос на промовирање на добро-соседските односи, како и да се најде заедничко решение за прашањето за името.
Известувачот за Македонија, Ричард Ховит на ова вели:
„Побарав дополнително размислување во рок од шест месеци и секако сум разочаран дека Советот не го направи тоа, што дозволува критики за ненапредување“.
Сепак според Ховит, Советот го поздравува завршувањето на некои заостанати работи на судот, потоа борбата против корупцијата, но напоменува дека, не е доволен само поздрав, туку и прогрес.
„Како и да е, земјите-членки сега определија конкретни области во кои бараат напредок, и ги повикувам сите во земјата да се борат за исполнување на овој предизвик, за 2014 година да не биде уште една изгубена година за европските амбиции на земјата“, вели Ричард Ховит.




