Стари, валкани и распаднати прозорци, неисчистени со години, со ѓубре на нив, sидови кои се распаѓаат, не варосани со децении, уништен под кој никој не го чисти бидејќи е на сите клиники и „не е на никого“. Вака изгледаат Интерните клиники во делот каде што се сместени амбулантите на некои од нив.
Од тука, по овие ходници треба да поминете брзо бидејќи воздухот е застојан, полн со прашина, не се дише. Во ваква Јавна здравствена установа од највисок вид се лекуваат граѓаните од цела држава.
„Сте ја читале ли новелата „Павиљон број 6“ од Антон Чехов?“, ме праша една докторка кога поминував од тука. Тоа е еден од најубавите и најмаркантните раскази во кој е преставена суровата реалност и бесмислата, безидејноста на животот, опишани преку еден лекар кој работи во болница, во Павиљон 6. Условите во павиљонот се под сите норми, исчадени тавани, сиви и валкани зидови, каде мириса на амоњак и расолница, а односот на претпоставените е крајно индиференетен, ист како што со текот на времето станува и на лекарот.
Споредбата со овој расказ можеби изгледа малку претерана, но се совпаѓа не е само во изгледот на просторот, туку и со безидејноста и индиферентиот однос на дел од лекари кои работат во вакви услови.
Овие фотографии покажуваат дека малку треба за да се реновира просторот бидејќи е потенцијален извор на зарази, да се среди до некаде додека за 10. тина години биде изграден новиот Клинички центар.
Во кругот на Клиничкиот центар ја забележавме екипата од приватната фирма како го собира ѓубрето, како чистат. Тие ја одржуваат хигиената само надворешно.
Тие ја одржуваат хигиената само надворешно, во кругот на Клиничкиот центар.
Но,евидентиравме и купишта ѓубре истурено и оставено веројатно од вработени од некакво внатрешно реновирање и стои така пред влезот на една од клиниките.
Во Универзитетскиот Клиничкиот центар има голема фреквенција на луѓе од цела држава кои бараат помош тука, со голема доверба кон стручниот кадар, како терцијално здравство од највисоко ниво во државата. Грижата за неговото одржување е неопходна и многу важна за сите нас, а посебно за болните кои лесно можат да бидат мета на разни бактерии кои виреат во вакви услови.