„По петти пат не добивајќи датум за почеток на преговорите, Република Македонија, заедно со БиХ и Косово се најде во последниот вагон на возот што води кон ЕУ и крајно е неизвесно, кога и дали воопшто ќе стаса до целта“, изрази загриженост Тито Петковски, Претседател на НСДП.
Според него сега веќе не се пречка само Грција и Бугарија, туку и многу други земји-членки на ЕУ, кои не веруваат во македонските потенцијали за членство во ЕУ. Некои дури сметаат дека не ги исполнуваме ниту елементарните услови- Копенхашките критериуми!
„Како одговор на таквите ставови премиерот Никола Груевски порачува: „ЕУ да нé викне кога ќе биде готова“. Дал да се чудиш или да се срамиш? Како што тргнале работите на ЕУ ќе и требаат многу години за да ги достигнат реформите и стандардите на Груевски.
Навистина, што уште треба да се случи, па граѓаните на Р.Македонија да разберат дека Груевски си игра мајтап и со нив и со државата и со ЕУ?“, праша Петковски.
– Со неговата реакција на последните пораки од Брисел, Никола Груевски јасно и недвосмислено кажа дека, тој и неговата Влада не сакаат Македонија да стане членка на ЕУ, иако постојано повторуваат дека посветено работат на европската агенда. Груевски е свесен дека во ЕУ важат демократски принципи и високи стандарди во општествениот живот. Доколку станеме членка на ЕУ ќе мора да бидеме демократска и нормална држава, а тоа на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не им одговара. Тие сакаат да располагаат со Македонија, а не да ја уредуваат и управуваат.
– Бидејќи и институциите на Европската унија и Владата на Р. Македонија, се доследни во своите политики на непопуштање, најголеми губитници се граѓаните и државата Р. Македонија. Граѓаните во потрага по пристоен живот, ќе продолжат уште помасовно да се иселуваат од Македонија, а државата се повеќе ќе тоне во неизвесност и безизлезност, рече претседателот на НСДП.
„Уште во 2008 година по Самитот на НАТО во Букурешт реков, а сега ќе повторам: Или Македонија или Груевски-двете работи не одат заедно! Македонија на чело со Груевски не е можна, тоа го покажаа осумте изминати години од владеењето на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ“, истакна Тито Петкоски.
Тој потсети дека Груевски уште од 2006 година кога го доби првиот мандат, вети брз влез на државата во НАТО и ЕУ но, не го исполни ветувањето, ни по осум години владеење.




