СДСМ беше на власт, и Република Македонија никогаш не доби извештај со препорака за започнување на преговорите во Европската Унија, е одговорот на владејачката партија ВМРО ДПМНЕ на денешната прес-конференција на Лидија Димова од СДСМ, која побара од премиерот Груевски во прв план да ги стави стратешките интереси а не, како што рече, популистичките политики.
„Во време кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, Република Македонија веќе 5 години по ред успева да добие позитивни извештаи. На македонската јавност и е повеќе од јасно дека доколку не беше проблемот со името, кој е наследен од периодот кога владееше СДСМ и за кој челниците на СДСМ со години јавно изјавуваа и ја убедуваа јавноста дека времето работи за нас, ние одамна ќе имавме датум за преговори со ЕУ, а преговорите за полноправно членство со ЕУ ќе беа во самиот финиш“, се вели во реакцијата на владејачката партија.
Оттаму ги советуваат Социјалдемократскиот сојуз да ги отворат извештаите за Република Македонија од времето кога тие беа на власт и да се запрашаат зошто никогаш не добија препорака за почеток на преговорите, како и да одговорат на предизвикот и да кажат како тие би го решиле прашањето за името со Грција.




