Во пресрет на веќе закажаното вонредно акционерско собрание на Фершпед, во компанијата се случија нови превирања. Дел од странските акционери најавија дека ќе бараат дополнување на дневниот ред на собранието со неколку мерки, за кои тврдат дека се од значење за компанијата и за акционерите.
Застапникот на странскиот акционер QWEST INVESTMENT, Венцислав Гушев за Фактор вели дека ден пред да биде објавена информацијата на Македонска берза за вонредното собрание, тој по барање на неговите клиенти, поднесол барање за вонредно собрание за што како што вели има и печат од архивата на Фершпед.
– Во тој момент на берзата немаше информација дека има закажано вонредно акционерско собрание на 1-ви јануари 2014 година. Законски јас требаше да добијам одговор, а не добив никаков одговор. Во дел од точките во предложениот дневен ред има низа контрадикторности, особено во делот за дивидендата, каде што стои дека“акумулираната нераспределена добивка останува како нераспределена добивка и ќе се користи за натамошните деловни цели на друштвото и интересите на акционерите”. Ова е игра на претседателот на Надзорниот Одбор Штерјо Наков, тоа се неговите методи на акционерска демократија. Тоа се погрешни деловни политики и против интересите на акционерите во компанијата. Имаме докази за милионски позајмици на фирмите ќерки на Фершпед А.Д. Скопје, на други правни лица како и на физичките лица, роднинско – пријателски поврзани со претседателот на надзорниот одбор господинот Штерјо Наков кои биле вентил како се испумпуваат средства од компанијата или дивидендата на акционерите, за што поседуваме обемна документација, која што ќе им биде доставена на сите акционери. Но ние сме подготвени да одиме до крај, ако треба и на суд, објаснува Гушев за Фактор.
Застапникот на странските акционери во компанијата смета дека е во интерес на сите акционери да се направи ревизија од странска куќа со која ќе се докажат незаконските работења во компанијата. Тој се согласува со ставовите на потпретседателот на Надзорниот Одбор Кираца Трајковска во делот дека во Фершепед постои незаконско работење и обезвреднување на фирмата и акционерскиот капитал.
>>Вонредно собрание на Фершпед и обвинувања за криминал на адреса на Штерјо Наков
Ниту сум се сретанал со странски акционери, ниту сум им нудел на продажба акции. Нема да продавам акции, напротив ние ќе купуваме акции, изјави претседателот на Надзорниот Одбор на Фершпед Штерјо Наков, за телевизијата 24 Вести.
Дека има битка за превласт покажуваат и податоците од Македонската берза, според кои пред три дена, во три системски блок трансакции што всушност значи трансакции меѓу познат купувач и продавач, се продадоа 1,2 % од вкупниот капитал на Фершпед, за 414 илјади евра. Во текот на вчерашниот ден на берзата се направени 11 блок трансакции во вредност од 1.446.230 евра. Упатените коментираат дека во овој случај се работи за акционери кои сакале да ги продадат акциите на една од двете завојувани страни.




