Досега никој од Македонија нема стапено во контакт со врвниот детски неврохирург Мемет Озек кој заедно со неговиот тим во познатиот Центар за детска неврохирургија во болницата Аџибадем во Истанбул работат комплицирани операции кај деца. Овој Центар е еден од најразвиените во Европа и во светот, не само по технологија, туку и по стручност на целиот тим.
„Досега никој не стапил контакт лично со мене од вашата земја, но вратата е секогаш отворена“ вели професорот Озек.
А, таму, во овој Центар успешно се изведуваат комплицирани операции на тумор во мозок кај деца, кај тие со спазам во мускулите,со церебрална парализа, со хидроцефалус, деца со епилепсија. Се вршат и ендоскопски операции кои не предизвикуваат траума и болка, а децата бргу ја напуштаат болницата по интервенцијата. Професорот Озек вели дека во последните пет години нема ниту еден смртен случај.
Ниту македонските лекари не се заинтересирани да се усовршуваат и да се обучат во овој Центар каде што работи тим од врвни стручњаци, објаснува гостиварчанецот, доктор Енис Шабан кој раководи со Центарот за анализа на движење и е дел од тимот на професорот Озек. Заедно работат веќе 13 години.
Доктор Шабан родниот Гостивар го напуштил пред 27 години, во Турција завршил Медицински факултет по што специјализирал. Тој работи со деца кои се рехабилитираат по операцијата, вежбаат, се анализираат нивните движења. Се тоа се прави со современа апаратура низ призмата на тридимензијална слика.

Доктор Шабан не го криеше задоволството што разговара со македонски новинари и рече дека многу сака да соработува со лекари од нашата држава, но вели дека кај нив желба за да се усовршуваат, очигледно нема.
“Македонските лекари не се заинтересирани за усовршување, не знам во што е работата. Јас многу сакам да соработувам, тоа е моја земја. И професорот од една страна има потекло од Призрен и тој ги сака луѓето од Балканот. Тие се многу вредни, бистри, но кај нив постои незаинтересираност за да се усовршуваат, да одат напред. Од друга страна немате современа технологија и нови начини на лекување. А, за сето тоа треба обуки и учење“, објаснува доктор Шабан.
Според него, лекарите од државите од Балканот не сакаат да остават нешто што е старо и да одат напред кон новото. Особено постарите генерации лекари за кои смета дека останале некаде меѓу социјализмот и капитализмот. Доктор Шабан вели дека единствено, директорот на Клиниката за неврохирургија, Владимир Рендевски појавил интерес за усовршување и соработка,но досега тоа не се реализирало.
„Кон помладите сме секогаш отворени. Професорот Озек успеа да издејствува и стипендија за колегите што доаѓаат за усовршување, засега само за двајца, но за жал, програмата е пополнета до 2021 година“, вели македонскиот доктор Енис Шабан, кој долги години живее и работи во Турција.
Тој смета дека младите лекари кои поминале усовршување или обука прават грешка кога ќе се вратат во своите земји бидејќи прво почнуваат со најкомплицираните операции, наместо да почнат со наједноставните. И тогаш може да се случат порази.
За државната Клиника за неврохирургија во Македонија смета дека може да биде многу подобра, но за тоа вели дека е потребна и многу важна современа апаратура и усовршување на лекарите.
Стотина пациенти годишно од Македонија бараат спас за своите болести во Турција. Голем дел од нив се деца, а 15 веќе биле оперирани од цистична фиброза во последната година и пол. Доктор Шабан и други лекари од тимот на професорот Озек доаѓаат во болницата во Скопје, ги анализираат случаите кои треба да се оперираат и велат дека поставуваат реални цели, се во договор со родителите.
Во Центарот за детска неврохирургија каде што работи овој мултидисциплинарен тим се вршат 500 до 600 операции годишно, а 50 проценти од пациентите се од земјите од Балканот.
Професорот Озек пак вели дека е најважна е организацијата за да не дојде до компликации или до појава на инфекција.Технологијата во оваа болница е многу напредна, современа и овозможува рано дијагностицирање и оперирање.
„Кога гинекологот ќе забележи дека има проблем кај бебето кое е уште во утробата на мајката, ние во соработка со него го прифаќаме и оперираме уште првиот ден по раѓањето. Некои операции е многу важни да се извршат порано, како церебрална парализа, на пример. Кај тумор во мозок колку е детето поголемо и ризикот е поголем“, изјави професорот Озек.
Засега, ниту во свет ниту кај нив нема напредок во лекувањето на трауми при повреда на рбетен столб (квадриплегија) и медицината се уште бара решенија за ваквите случаи. Но, напредокот на медицината и технологијата отишле многу напред во оваа болница, за разлика од јавното здравство во Турција.
Но, сето тоа чини пари бидејќи и апаратурата е скапа. Така една операција за церебрална парализа може да чини од 5000 до 40 000 долари, а на тумор на мозок од 25 000 до 40 000 долари. Фондот за здравство на Турција не ги покрива овие операции, но осигурениците имаат одредени привилегии.

Напредокот отишол толку напред што роботи разнесуваат храна или лекови низ болницата. 12 родботи наместо болничарите и техничките лица носат медицинските материјали, лекови, храна. Тие се програмирани да влегуваат во лифт и да се движат по одделите по што се враќаат на местото каде што се лоцирани. Овие Роботи се големо олеснување во болницата и покажуваат колку напред е отодена технологијата во болницата Аџибадем во Турција.