Измените што ги најавува власта на Груевски за екстерното тестирање се признание за неуспешниот проект на министерството за образование, што отиде на штета на учениците и наставниците, реагира опозиционата СДСМ.
Самиот министер Ристовски изразува очекување дека предложените измените ќе ги елиминирале техничките и процедурални недостатоци на екстерното тестирање! Сепак и покрај постоечките дилеми, власта го проширува екстерното оценување и на учениците од 4-та година. Со тоа Груевски и ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ја покажуваат ароганцијата над интересите на граѓаните, опстојувајки по секоја цена на својот лош и необмислен проект.
Укажуваме дека со предвидените измени ќе се зголеми стресот на матурантите кои освен што полагаат државна матура и ги чека запишување на факултет, ќе треба да се подготвуваат и за уште едно оценување.
СДСМ ги повикува Никола Груевски и Спиро Ристовски да се откажат од непотребниот проект во којшто ги вовлекоа учениците и наставниците.СДСМ ќе го укине екстерното оценување веднаш по добивањето на довербата од граѓаните.




