Во своето 30 минутно обраќање пред Македонскиот Парламент, последно во својот мандат Претседателот Горге Иванов истакна дека целиот мандат „огромно внимание посветив на зачувување на македонскиот национален модел“.
Тој започна од како што ги нарече „траумите од Букурешкиот НАТО самит“ во 2008-тата кога Македонија доживеа фијаско за влез во Алијансата, но сепак според Иванов во овие пет години многу работи се променија „нашата меѓународна позиција постојано зајакнува, стекнуваме многу нови пријатели“.
Тој истакна дека достојно ја претставувал Република Македонија во својот мандат во постојана соработка со законодавната и извршната власт, без при тоа да спомне дали планира да се кандидира за уште еден мандат.
„Мирот, стабилноста и безбедноста на државата беа мои приоритети“, рече претседателот, при тоа признавајќи дека сме „земја – рекордер која чека членство во НАТО“.
„По неправдата од Букурешт, за неполни 5 години работите се сменија и неприфативме принципиелни ултиматуми. Пет години добиваме позитивни извештаи од ЕУ, препораки, ја добивме визната либерализација, останавме посветени на нашата европска политика. Го зацврстивме меѓународниот углед на Македонија“, рече Иванов.
Тој не испушти да ја изложи статистиките на сите досега остварени формални и неформални средби со државни, како и своите учества на светските самити.
„Во текот на својот мандат имав преку 100 работни и неформални средби, 150 средби со премиери на влади, 400 средби со странски претставници. Бев домаќин на над 40 официјални и работни посети на шефови на држави…“, рече Иванов.
Како достигнување ја посочи поддршката која Македонија ја доби од 170 земји-членки на ООН за членство во Советот за човекови права на ОН. Како и остварената соработка со Кина која на нашата земја и отвора пат кон Азија.
„Постојана тврдам дека добрососедските односи се двонасочна улица, проблемите со Бугарија ќе се надминат“.
За дебаклот на Охридскиот самит на претседатели, Иванов истакна дека „старите балкански конфликти повторно заживеаја во очи самитот – затоа го откажав“.
„Целата дипломатија ја ставивме во функција на економската дипломатија, пет години по глобална криза – Македонија отвори нови економски можности, ја вклучивме во Јужен тек, преку соработката со Кина создадовме поволна можност за патната инфраструктура.
– Успеавме да ја внесеме Македонија во планот за гасоводот „Јужен тек“. Од енергетски изолирана и зависна, Македонија станува енергетски поврзана и меѓузависна. Со тоа ќе ја обезбедиме енергетската иднина на Македонија.
– Ја вклучивме Република Македонија во иницијативата на Народна Република Кина за потесна соработка на економски план со земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа. Како резултат на тоа, Македонија доби поволна можност за развивање на патната инфраструктура.
– Издејствувавме највисоко на агендата на регионот да биде поврзувањето на Јадранско-јонската магистрала со Коридорот 8 и Коридорот 10. Тоа значи суштинско менување на географијата, реалноста и иднината на нашата држава и на нашиот регион, рече во своето обраќање Иванов.
„Македонија е млада демократија и не сме имуни на многу проблеми. И во 2011 и во оваа година која изминува загубивме многу време со ваквите институционални блокади. Сепак, разумот надвладеа и локалните избори поминаа во најдобар ред, онака како што ѝ доликува на Република Македонија.
– Во август 2013 година, Комисијата за 24 декември ја заврши својата работа и даде корисни препораки за надминување на увидените недостатоци. Но, мора веќе еднаш да ја научиме лекцијата. Затоа и во ова, петто по ред, обраќање повторувам: дијалогот да го водиме во институциите. Да не се свикуваат лидерски средби за прашања кои се решаваат во институциите“, рече Иванов.
Тој им упати порака на политичките лидери: Дијалогот да го водиме во институциите, да не свикуваме лидерски за работите кои се решаваат по институционален пат.
„ЕУ препораките се позитивни, но во одредени области се движиме побавно судството, парламентаризмот и медиумската култура. И покрај реформите има уште работа. Направени се сериозни реформи кои треба да го дадат својот резултат,“ смета претседателот.
„Оваа година одбележувавме 10-години од Охридскиот Рамковен договор. Ако првата декада беше посветена на правата, оваа втора деценија е и на права и заеднички обврски за сите нас,“ порача претседателот.
Тој не ја криеше својата загриженост за меѓуетничката нетрпеливост меѓу младите. „Младите се нашата иднина, а сепак старееме како нација, многумина ја напуштаат татковината, како и сите земји од средна и источна Европа. Не можеме да ја спречиме човековата потрага по среќа, но мораме да создадеме услови за остварување на таа среќа овде во оваа држава“, рече Иванов.
„Јас сум настојувал секогаш да бидам со граѓаните, ги знам нивните желбите и очекувања. Македонија е синоним за мајка на многу чеда кои иако се различни сите се нејзини – неопходно е да бидеме солидарни кон сиромашните. Еманципација и целосно вклучување на Ромите во општеството е трајна определба на Македонија, како и грижа кон лицата со посебни потреби, лицата со аутизам…“
Иванов истакна дека Македонија бележи економски развој, намалување на невработеноста и подобрување на бизнис климата.
„Не треба да заборавиме дека Македонија е пред се аграрна земја, Европа закрепнува, а ние имаме само 5% од компаниите кои се извозно насочени. Потребо вложување во образованието, науката и истражувањата. Лидерство во иновациите, зајакнување на врските со светските центри…“
„Меѓу бројните предизвици постојано ни се наметнува проблемот што официјална Атина го има со нашето име, прашањето за идентитетот не е дел од рамката, тој не може да се купи украде или фалсификува. Во минатото многумина посегнувале по нашиот идентитет и се обидувале да ни наметнат туѓи идентитети, нема и ние денес да потклекнеме“, дециден е претседателот.
Од Европскиот совет добивме препораки но, повторно се соочивме со блокада. „Цело време на нашиот пат кон евроинтеграциите ни се попречува ултиматумот од Атина, ни го попречува правото на просперитет“, рече Иванов.
„Немавме намера на идните генерации да им го оставиме овој проблем, кој трае 22 години… Нашите општества и економии (грчкото и македонското) одлично соработуваат со што се демантираат сите тврдења на политичките елити. Република Македонија е реалност на Балканот, реалност на ЕУ, бараме Атина кон нас да се донесува европски и да се почитуваат европските стандарди ни повеќе ни помалку од тоа“, рече претседателот.
– Како сосед ние не посакувавме да ја тужиме Атина во Хаг, но бевме принудени на таков чекор. Како сосед, ние не посакуваме да се обратиме до Советот за безбедност на Обединетите нации, творецот на резолуциите во чии рамки се води процесот, и да бараме спроведување на пресудата и нејзино безусловно почитување. Но, како и по Букурешт и сега немаме друг избор.
– Непочитувањето на меѓународно преземените обврски ја доведува во прашање кредибилноста на официјална Атина во спорот што ни го наметна. Имаме и право и основа да се сомневаме во нивната подготвеност да ги почитуваат договорите. Само почитувањето на правните механизми може да ни помогне да ја изградиме довербата. Пресудата може да ја игнорираат, но не може да ја негираат. Таа е тука, и чека да биде испочитувана. Но, не може да чека до бескрај.
– Создадени се услови да се побара од генералниот секретар на Обединетите нации, во согласност со неговите надлежности, да поднесе извештај до Советот за безбедност на Обединетите нации за состојбата во која се наоѓаат разговорите што ги води медијаторот Нимиц. Создадени се услови да се побара од Советот за безбедност ефектуирање на пресудата на Меѓународниот суд на правдата, рече Иванов.
Нема да дозволиме да се гази врз достоинството на Македонија, да се негираат човековите права и правото на човечко достоинство.
– Што е наше ќе си дојде! Букурешт го победивме со Хаг. Економската криза ја пребродивме со мудра економска политика. Блокадите да ги победиме со отвореност. И никогаш да не заборавиме дека нашата татковина е нашата најголема историска победа. Да живее Република Македонија!, со овие зборови претседателот Иванов го заврши своето обраќање пред Собранието на РМ.




